Епископот Стојанов ги прими лицата посветени на Бога кои пасторално делуваат во градот Скопје
Во сабота, 4 април 2026 година, во пресрет на празникот Воскресение Христово, според грегоријанскиот календар, Н.В.П. монсињор д-р Киро Стојанов ги прими богопосветените лица, кои пасторално делуваат во градот Скопје, кои во таа прилика му го честитаа празникот Велигден – Воскресение Христово.
Во своето обраќање, отец Зоран И. Стојанов, во име на Македонски Каритас и на богопосветените лица од Католичката Црква во Скопје, упати благодарност до епископот за неговото пастирско присуство, близина и несебично служење. Осврнувајќи се на посланието на Македонски Каритас, тој истакна дека нивната секојдневна мисија е да го живеат Евангелието преку конкретни дела на љубов и служење кон најранливите, повикувајќи се на Христовите зборови: „Што и да направивте на еден од овие мои најмали браќа, Мене Ми направивте“ (Матеј 25,40). Тој нагласи дека поддршката и охрабрувањето од епископот претставуваат силен поттик за продолжување на мисијата меѓу сиромашните, слабите и заборавените.
Во продолжение, зборувајќи за богопосветените лица, отец Стојанов подвлече дека тие се повикани со својот живот да бидат жив знак на Божјото Царство и сведоци на љубовта „која никогаш не престанува“ (1 Кор 13,8). Тој истакна дека во водството на епископот препознаваат пастир кој ги охрабрува на верност, истрајност и радосно дарување на самите себе во служба на Црквата и на народот Божји. Притоа се повика и на зборовите од Светото Писмо: „Добриот пастир го полага својот живот за овците“ (Ива 10,11), нагласувајќи дека токму во тој дух ја гледаат неговата служба како сведоштво на љубов и верност кон Христос.
На крајот, отец Зоран изрази благодарност за епископската близина со луѓето, за отвореноста и за татковската грижа, уверувајќи го во постојана молитвена поддршка. Во духот на велигденската надеж, тој посака Господ да го укрепува и благословува во секојдневната служба, а Богородица Утешителка да го придружува него и повереното му стадо во Македонија.
Епископот Киро Стојанов, честитајќи го празникот Воскресение Христово, се заблагодари за соработката, заедништвото и за посветеноста со која богопосветените лица и вработените во Македонски Каритас секојдневно сведочат за Христовата љубов во животот на Црквата и во општеството.
Воедно, епископот подвлече дека сведоштвото на богопосветениот живот има особена важност во денешното време, кога светот има голема потреба од луѓе што ќе ја носат светлината на Евангелието. Тој посака радоста на Воскреснатиот Христос да ги исполни нивните срца со радост и да ги зајакне во верноста кон Христа и Црквата.
Средбата продолжи со разговор и во дух на заедништво.
к.мк

