Папата до руските католици: Бидете пример за братство и солидарност за другите

Папата до руските католици: Бидете пример за братство и солидарност за другите

Папата Лав XIV се сретна со група верници од Русија кои се на ходочестие во Рим по повод Јубилејот и нагласи дека секој христијанин е жив камен во градењето на Црквата. Секој камен, дури и најмалиот, што Господ го става на вистинското место, има важна улога во стабилноста на целата градба. „Сите вие сте одговорни за вашата локална Црква, носејќи ги меѓусебните товари“, им рече Папата.

Градот Рим, кој го посетуваат илјадници поклоници во текот на Светата година, може да биде симбол на човечкото постоење преку своите споменици на древната римска цивилизација, базилики и цркви, манастири и многу други видливи знаци на жива вера, која е вкоренета во срцата на луѓето и е способна да ја преобразува совеста и да поттикнува добро. Папата Лав XIV ова го истакна во петок 17 октомври 2025 година, примајќи на аудиенција група католици од Русија. Тој нагласи дека во животот на секој поединец, присуството на „урнатините“ од минатите искуства, вознемиреноста, несигурноста и немирот, заедно со верата која расте секој ден и станува делотворна во љубовта, и со надежта која не разочарува, може да биде поттик за размислување за тоа како, и покрај гревот и непријателствата, Господ може да изгради нов свет и да подари обновен живот.

Живи камења во градењето на Црквата

Обраќајќи им се на свештениците, монасите и монахињите од Русија, Светиот Отец се осврна на значењето на јубилејното ходочестие и нагласи дека нивното присуство во Вечниот град, преминувањето низ Светата врата и посетата на гробовите на апостолите и мачениците се дел од патувањето на многу генерации кои посакале да ги видат овие свети места. Тој додаде дека срцето на христијанската душа чука во овој град и дека грижите и обврските на секојдневниот живот таму се испреплетуваат со настани поврзани со верата што ја примивме и што се предава уште од апостолските времиња, вера од која многу народи изобилно црпеле и од која живеат и денес.

Папата рече: „Светите римски градби ја одразуваат духовната реалност, имено дека и ние, преку Светата тајна крштение, сме поставени како живи камења за изградба на духовна градба, за свето свештенство, за принесување духовни жртви прифатливи за Бога, преку Исус Христос. Драги браќа и сестри, да, вистина е, секој од нас е жив камен во градбата на Црквата. Секој камен, дури и најмалиот, што Господ го става на своето вистинско место, има важна улога во стабилноста на целата градба.“

Носете ги товарите еден на друг

По ходочестието, треба да се вратиме на местата од кои сме дошле – во нашите домови и соседства – и таму, пастирите и верниците се повикани заедно да го продолжат патот на христијанскиот живот, нагласи Римскиот епископ, охрабрувајќи ги сите да бидат посветени на својата црковна заедница. Потоа додаде:

„Сите вие сте одговорни за вашата локална Црква, носејќи ги товарите еден на друг. Нека вашите семејства, вашите парохиски и епархиски заедници бидат пример за љубов, братство, солидарност и меѓусебно почитување за сите луѓе со кои живеете, работите и учите. На овој начин, навистина, може да се запали огнот на христијанската љубов, способен да ги загрее студените срца, дури и на најзакоравените.“

Црпење надеж од средбата со Бога

Петровиот наследник потсети на дарот што папата Фрањо ѝ го подари на Католичката црква во Русија пред околу една година – иконата Salus Populi Romani, која лично ја благослови за да стане знак на оваа Света година. Папата Лав XIV изрази желба носењето на оваа икона низ различните католички епархии во Русија да биде извор на утеха за сите, особено за болните и за оние што страдаат.

Тој додаде дека тоа ќе биде поттик за руските католици да црпат надеж од средбата со Бога – преку молитва, читање на Светото Писмо, помагање на оние во неволја и преку зборови на утеха. На крајот, тој вети дека ќе се моли за руските верници и моли за застапништво од Пресвета Богородица, Царица на мирот, да ги придружува во нивниот христијански живот.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот