Објавена е приот апостолски поттик на Роберт Франциск Превост, инициран од папата Фрањо за служење на сиромашните. Папата ја осудува смртоносната економија, нееднаквоста, насилството врз жените, неухранетоста и кризата во образованието. Тој го прифаќа повикот на папата Берголио за мигрантите и ги охрабрува верниците да го кренат својот „глас на осуда“, бидејќи „структурите на неправда треба да бидат урнати со силата на доброто“.
„Dilexi te“. Христовата љубов се воплотува во љубовта кон сиромашните, сфатена како грижа за болните, борба против ропството, заштита на жените жртви на насилство, право на образование, поддршка на мигрантите, милосрдие и еднаквост. Папата Лав XIV го потпишува својот прв апостолски поттик, текст со 121 точка, кој го нагласува учењето на Црквата за сиромашните во изминатите 150 години. Со овој документ, потпишан на 4 октомври, празникот на Свети Фрањо од Асизи, Папата августинец ги следи стапките на своите претходници: Иван XXIII со Mater et Magistra; Павле VI со Populorum Progressio; Иван Павле II, кој го потврди „привилегираниот однос на Црквата кон сиромашните“; Бенедикт XVI со Caritas in veritate; и папата Фрањо, кој грижата „за“ и „со“ сиромашните ја направи еден од темелите на својот понтификат.
Делото започнато од папата Фрањо и продолжено од папата Лав
Папата Фрањо го започна делото на овој апостолски поттик пред својата смрт. Како што беше случај со Lumen Fidei на Бенедикт XVI во 2013 година, и сега неговиот наследник ја довршува работата што претставува продолжение на последната енциклика на аргентинскиот папа за Пресветото Срце — Dilexit Nos. Постојат длабоки врски помеѓу Божјата љубов и љубовта кон сиромашните: преку нив, „Бог сè уште има нешто да ни каже“, истакнува папата Лав.
„Лицата“ на сиромаштијата
Во јасниот повик на Роберт Франциск Превост, кој ги разгледува „лицата“ на сиромаштијата, се содржани бројни поттикнувања за размислување и дејствување: сиромаштијата на „оние на кои им недостасуваат материјални средства за живот“, на „оние што се социјално маргинализирани“, како и „моралната“, „духовната“ и „културната“ сиромаштија (9). Постојат и нови, „посуптилни и поопасни“ облици на сиромаштија (10), кои одат заедно со економски правила што го зголемиле богатството, но не и правдата. Недостигот на правда е корен на општествените зла (94).
Економија што убива и култура што отфрла
Во оваа перспектива, папата Лав XIV со задоволство истакнува дека Обединетите нации го поставија искоренувањето на сиромаштијата меѓу Милениумските цели. Сепак, патот е долг, особено во ера во која доминира „диктатурата на убиствената економија“ (92) и културата на отфрлање, што „рамнодушно прифаќа милиони луѓе кои умираат од глад или живеат во услови недостојни за човечко битие“ (11).
Човековите права, всушност, не се исти за сите (94).
Папата повикува на „промена на менталитетот“, за достоинството на секоја човечка личност да биде „почитувано сега, а не некогаш во иднина“.
Приемот на мигрантите
Папата Лав XIV посветува значително внимание на прашањето за миграцијата, започнувајќи со сликата на малиот Алан Курди, сирискиот дечко чие тело беше пронајдено на плажа и чија фотографија го обиколи светот. За жал, пишува тој, „ваквите настани стануваат сè понезначајни, како неважни вести“ (11). Во исто време, потсетува на постојаната служба на Црквата кон мигрантите:
„Црквата, како мајка, оди со оние што патуваат. Каде што светот гледа закана, таа гледа деца; каде што се градат ѕидови, таа гради мостови… Таа знае дека во секој одбиен мигрант, самиот Христос тропа на вратата на заедницата“ (75).
Во врска со мигрантите, Роберт Превост ги повторува познатите „четири глаголи“ на папата Фрањо: „прифати, заштити, промовирај, интегрирај“. Тој ја презема и дефиницијата на папата Фрањо за сиромашните како „учители на Евангелието“.
Служењето на сиромашните не е гест од горе, туку средба меѓу еднакви (79).
Идеологии, измамнички политики и рамнодушност
Папата ги опишува како „двојно сиромашни“ жените што страдаат од „исклучување, злоупотреба и насилство“ (12). Тој посочува дека сиромашните не постојат по случајност или поради слепа судбина, ниту пак сиромаштијата е нивен избор. Но, и понатаму има такви што тоа го тврдат, покажувајќи слепило и суровост (14). Понекогаш и христијаните се под влијание на „световни идеологии или политички и економски ориентации што водат кон неправедни генерализации и погрешни заклучоци“. Некои мислат „дека само властите треба да се грижат за сиромашните или дека е подобро тие да останат сиромашни за да научат да работат“ (114).
Оваа состојба се гледа и во тоа што ретко се практикува милосрдие и често се презира (115). Папата повикува: „Како христијани, да не се откажуваме од милосрдието.“
Тој потсетува: „Треба да практикуваме милосрдие за да го допреме страдалното тело на сиромашните“ (119).
Во некои христијански заедници, забележува Папата, недостасува вистинска посветеност кон најранливите (112). Предупредува дека постои „нераскинлива врска помеѓу верата и сиромашните“ (36), а опасноста е во „духовната световност“ и „внатрешната дезинтеграција“ (113).
Сведоштвото на светците, блажените и монашките редови
Како противтежа на рамнодушноста стои сведоштвото на светците, блажените и мисионерите. Папата ги споменува Свети Фрањо од Асизи, Света Мајка Тереза, Свети Августин — кој рекол: „Кој вели дека го љуби Бога, а нема сочувство за оние што се во потреба, лаже“ (45) — и многу други. Тој потсетува и на дејствувањето на монашките редови кои се грижеле за болните, за сирачињата, вдовиците и просјаците и кои се бореле за ослободување на жртвите на ропството.
„Традицијата на овие редови не згаснува. Напротив, таа поттикна нови облици на дејствување против современите форми на ропство: трговија со луѓе, присилна работа, сексуална експлоатација, различни облици на зависности. Кога христијанската љубов се воплотува, таа станува ослободувачка“ (61).
„Гласот“ што разбудува и разобличува
Папата ја истакнува важноста на образованието на сиромашните, нарекувајќи го „должност, а не услуга“. Тој се осврнува на борбата на народните движења, чии водачи често се осомничени или прогонувани (80), и повикува целиот Божји народ „да го слушне гласот што разбудува, што разобличува, иако понекогаш изгледа неразумен“.
„Структурите на неправда треба да бидат препознаени и уништени со силата на доброто“ (97).
Папата Лав XIV заклучува: „Потребно е сите да си дозволиме да бидеме евангелизирани од сиромашните. Тие не се само социјален проблем, туку самото срце на Црквата“ (111).
Ватикан њуз/к.мк