Папата Лав XIV го предводеше молитвено бдение за Јубилејот на утехата и ги повика сите кои искусиле тешкотии или загуба да ја прифатат верата во Христос, за болката да не води кон насилство, туку кон љубов што простува.
Околу 9.000 ходчесници се собраа во базиликата „Свети Петар“ во понеделник вечерта, 15 септември 2025 година, за да учествуваат во молитвено бдение во рамките на Јубилејот на утехата. Настанот, дел од Светата Година, беше посветен на сите кои преживеале моменти на особени тешкотии, тага, страдање или неволја.
Папата Лав XIV ја предводеше Литургијата на Словото, во која беа вклучени и сведоштва на две жени кои искусиле длабока лична загуба.
Дајан Фоли, мајка на убиениот американски новинар Џејмс Фоли, ја раскажа својата борба со болката и патот кон верата. Нејзиниот син беше киднапиран во Сирија во 2012 година, мачен и јавно погубен во 2014 година од страна на припадници на таканаречената Исламска држава.
И покрај чувството на гнев и огорченост, таа изјави дека ја пронашла својата сила во Бога и во примерот на Пресвета Богородица, која исто така ја споделила болката на загубата на својот Син. Подоцна, кога еден од убијците, Александа Котеј, беше уапсен, таа побарала да се сретне со него. „Го видов како грешник кој има потреба од милост, како и јас,“ рече таа, нагласувајќи дека Бог ѝ дал благодат да му прости.
Лучија Ди Мауро Монтанино од Неапол, чиј сопруг бил убиен од група млади мажи, сведочеше дека простувањето било клуч за нејзиното исцелување. Кога најмладиот од убијците, Антонио, побарал прошка по неколку години во затвор, таа го прегрнала и од тој момент болката почнала да се претвора во надеж. Таа истакна дека „помирувањето бара активна средба“ и дека тоа ѝ помогнало да ја прифати смртта на сопругот, додека Антонио започнал нов живот.
Божјата близина во темни времиња
Во своето обраќање, Папата зборуваше за потребата од утеха во време на војни, загуби и страдања.
„Во темни моменти, кога изгледа како Бог да молчи, Тој всушност е најблиску до нас,“ истакна тој. „Нашите солзи се јазик на нашето човештво и не треба да се срамиме од нив.“
Папата потсети дека верата е сидро: „Утехата се наоѓа кога верата стои цврста и стабилна, таму каде што некогаш била неоформена и неодлучна како брод во бура.“
Простувањето како пат кон мир
Папата подвлече дека вистинската поука од сведоштвата е дека „болката не смее да се претвори во насилство“.
„Простувањето ја победува омразата и нè прави сведоци на Божјото Царство овде на земјата,“ рече тој. „Црквата, која понекогаш и самата повредувала, денес клекнува со вас пред Богородица за да научиме сите да ги заштитуваме најранливите.“
Тој нагласи дека нашите ближни, одвоени од нас со смртта, не се изгубени: „Тие му припаѓаат на Господ, Добриот Пастир, кој ги прегрнува и ги чува блиску до себе.“
Апел за мир и надеж
На крајот, Папата упати апел за прекин на војните, насилството и гладот кои предизвикуваат огромни страдања.
„Дури и во услови на ароганција и зло,“ заврши тој, „сигурни сме дека Бог ќе ги поттикне срцата и рацете да пружат помош и утеха – миротворци кои ќе им донесат надеж на оние кои се во болка и тага.“
Ватикан њуз/к.мк