Епископот Стојанов: Старите лица не се заборавени, тие се дар за Црквата и семејството

Епископот Стојанов: Старите лица не се заборавени, тие се дар за Црквата и семејството

Монсињор Стојанов служеше света Литургија во скопската катедрала, а во текот на денот посети и повозрасни лица во Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ во Скопје.

По повод Светскиот ден на бабите, дедовците и старите лица, во недела, 26 јули 2026 година, Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, монсињор д-р Киро Стојанов, служеше света Литургија во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје. Со епископот сослужуваа фра Марио Цифрак, декан на Богословскиот факултет во Загреб, и отец Михаел Маѓаревиќ од Ѓаковско-осиечката надбискупија.

Во својата проповед епископот Стојанов се осврна на Пораката на папата Лав XIV по повод Светскиот ден на бабите, дедовците и старите лица, која носи наслов „Јас нема да те заборавам“. Осврнувајќи се на пораката, тој истакна дека Црквата добро ги познава страдањата на своите постари членови и дека не останува рамнодушна пред нивната осаменост, болка и запоставеност.

Тој нагласи дека во современото општество премногу често на старите лица се гледа со предрасуди, како на товар, наместо како на дар. Во свет во кој економијата сè повеќе се води од профитот, семејните врски лесно ослабуваат, а многу баби, дедовци и стари лица остануваат сами. Цитирајќи ја пораката, епископот Стојанов истакна дека Црквата и во таквите околности со радост го објавува Господовото ветување: „Јас нема да те заборавам“. Тоа ветување е извор на утеха и надеж за секој човек, особено за оние кои во староста чувствуваат осаменост, заборавеност или беспомошност. Бог не ја мери вредноста на човекот според неговата сила, возраст или корисност, туку според љубовта со која го создал и со која постојано го придружува, рече монсињор Стојанов.

Епископот Стојанов ги повика верниците токму на овој ден да ги посетат своите баби и дедовци и постари лица, а доколку поради далечина или друга спреченост не се во можност да го сторат тоа, барем да им се јават и да ги потсетат дека не се заборавени.

Во продолжение на проповедта тој се осврна и на важноста на близината кон оние кои имаат потреба од нега и грижа, истакнувајќи го примерот на сестрите Евхаристинки и богословите, кои пожртвувано се грижеа за блаженоупокоениот епископ Хербут.

Во текот на денот епископот Стојанов ја посети и Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ во Скопје, каде што се сретна со г-ѓа Марија Попдамкова, како и со други повозрасни лица.

Светскиот ден на бабите, дедовците и старите лица се одбележува секоја четврта недела во јули, во близина на празникот на Свети Јоаким и Ана, кои се баба и дедо на Исус. Овој ден го воспостави папата Фрањо во 2021 година за да ја покаже важната улога на постарите лица во семејството и општеството.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот