Генерална аудиенција: Во часот на најголемото искушение да научиме да молиме исполнети со надеж

Генерална аудиенција: Во часот на најголемото искушение да научиме да молиме исполнети со надеж

Пред повеќе од 35.000 верници, кои и покрај дождот се собраа на плоштадот „Свети Петар“, папата Лав XIV во својата катехеза на Генералната аудиенција зборуваше за искуството на распнатиот Исус. Тој нагласи дека секој крик на болка, доколку му е доверен на Бога, не е знак на слабост и никогаш не останува неслушнат; напротив, има неизмерна вредност. Дури и во тишината, кога сè изгледа изгубено, Бог е присутен, рече Папата. Човечкиот крик е начин да не се подлегне на цинизмот, туку да се продолжи да се верува дека е можен поинаков свет.

Во катехезата Папата потсети дека кулминацијата на Христовиот живот на земјата е неговата смрт на крстот. „Евангелијата сведочат за еден многу драгоцен детал, кој заслужува да се гледа со очите на верата“, рече тој.

Исус не умира во тишина. Тој не згаснува полека, како светлина што исчезнува, туку го предава животот со силен извик: „Исус извика со силен глас – и го предаде духот“. Во тој извик е содржано сè: болка, напуштеност, вера, предавање. Не е само телесен глас на слабеење, туку последен знак на љубов што се дарува.

Папата потсети дека на овој извик му претходи едно од најтрогателните прашања што може да се изговорат: „Боже мој, Боже мој, зошто ме остави?“, кое добива единствена тежина кога го изговара Христос.

Синот, кој отсекогаш живеел во совршено заедништво со Отецот, сега го искусува молкот, отсуството, бездната. Но тоа не е криза на верата, туку последен чекор на љубовта која се дарува до крај. Крикот на Исус не е очајнички повик, туку повик на вистина и искреност доведена до крај, доверба што не исчезнува и тогаш кога сè замолкнува.

„Плачот не е слабост, туку чин на човечност“

Светиот Отец потсети и на знаците кои го придружуваат Исус во смртта: ненадејното затемнување на небото и кинењето на завесата во храмот – како сведоштво дека целото создание учествува во таа болка, но и како знак дека нешто ново започнува.

„Бог повеќе не престојува зад завеса. Неговото лице се открива во распнатиот Христос. Таму, во ликот на страдалникот, се пројавува најголемата љубов – Бог кој не останува далечен, туку влегува во нашата болка до крај“, истакна Папата.

Тој потсети и на сведоштвото на римскиот стотник, кој гледајќи го Исус како умира, го призна како Син Божји. „Тоа е плод на крик што не се изгуби во тишина, туку допре до срце“, додаде Папата. Понекогаш она што не можеме да го изразиме со зборови, срцето го извикува наглас. И тоа не е знак на слабост, туку длабок чин на човечност.

Навикнати сме плачот да го сметаме за нешто недостојно или неприлично, но Евангелието му дава неизмерна вредност: тој може да биде повик, протест, копнеж, предавање. Плачот може да стане врвна форма на молитва, особено кога немаме повеќе зборови. Во тој плач Исус ја положи целата своја љубов и надеж.

„Крикот кон Отецот е извор на надеж“

„Исус не извика против Отецот, туку кон Отецот. Дури и во молкот беше уверен дека Отецот е таму. Така ни покажа дека и нашата надеж може да извика, дури и кога сè изгледа изгубено“, продолжи Папата.

Има моменти во животот кога тивкото затворање во себе нè измачува однатре. Исус нè учи да не се плашиме од крикот, под услов тој да биде искрен, смирен и упатен кон Бога. Таквиот крик никогаш не е бесмислен, ако произлегува од љубов и ако е предаден во Божји раце. Тоа е патот како да не се подлегне на цинизмот, туку да се продолжи да се верува дека е можен поинаков свет.

Повик на Светиот Отец

„Драги браќа и сестри,“ рече Папата, „да го научиме ова од Господ Исус: во часот на најтешкото искушение да умееме да повикаме исполнети со надеж. Не за да повредиме, туку за да се предадеме. Не против некого, туку со отворено срце. Ако нашиот крик е искрен, тој може да стане почеток на нова светлина и ново раѓање. Така беше и со Исус: кога изгледаше дека сè е завршено, тогаш започна спасението. Со довербата и слободата на Божјите чеда, болниот повик на нашето човештво, обединет со гласот на Христос, може да стане извор на надеж за нас и за оние околу нас.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот