„Оброците на Марија“ обезбедува повеќе од три милиони оброци дневно во училиштата

„Оброците на Марија“ обезбедува повеќе од три милиони оброци дневно во училиштата

На празникот Рождество на Пресвета Богородица, според Грегоријанскиот календар, официјално беше објавено дека организацијата „Оброците на Марија“ (Mary’s Meals) ќе обезбеди училишни оброци за дополнителни 800.000 деца во споредба со 2024 година. Од Малави до Замбија, преку Етиопија и Хаити, бројот на опфатени деца значително расте. Основачот и извршен директор на организацијата, Магнус Мекфарлан-Бароу, изјави: „Се чувствуваме повикани да бидеме присутни токму таму каде што луѓето немаат глас.“

Историска пресвртница

На 8 септември, „Оброците на Марија  Интернешнл“ објави дека достигнала значаен историски праг: повеќе од три милиони деца ширум светот секојдневно добиваат училишен оброк преку нивните програми. Во глобално соопштение под наслов „Повеќе од 3 милиони“, организацијата истакна дека за помалку од две години успеала да ја прошири својата мрежа, хранејќи 800.000 деца повеќе отколку на почетокот на 2024 година.

Порака на надеж

Основачот на организацијата, Магнус Мекфарлан-Бароу, на 27 август ја сподели оваа радосна вест во интервју за ватиканските медиуми по повод средбата во Римини. Тој ја нарече „порака на надеж“ што сведочи дека и покрај бројните предизвици на современиот свет, сè уште се случуваат добри дела. Мекфарлан-Бароу нагласи дека мисијата на „Оброците на Марија“ е да биде блиску до оние кои се заборавени и обесправени. „Дури и еден оброк во училиштето може да нè охрабри да размислуваме поинаку за иднината. Најубавото е што можеме да одиме заедно со младите, со нивната креативност и вера“, истакна тој. Во таа смисла, организацијата го посвети овој нов подвиг како подарок на Богородица на денот на нејзиното Рождество.

Блиску до најсиромашните

„Оброците на Марија“ има седиште во Шкотска, но својата мисија ја остварува во најсиромашните региони во светот, каде што конфликтите, политичката нестабилност и климатските промени ја загрозуваат безбедноста на храната и пристапот до образование. Во изминатите 18 месеци, бројот на опфатени деца значително порасна. Во Малави, и покрај сушите, поплавите и економската криза, денес се хранат повеќе од 1,3 милиони деца. Во Замбија, секојдневен оброк добиваат над 600.000 деца. Во војната разурнатиот регион Тигреј во Етиопија, бројот на ученици што добиваат помош порасна од 30.000 на повеќе од 245.000 за помалку од две години. Исто така, во Хаити, и покрај насилството на бандите и политичката нестабилност, над 196.000 деца секојдневно се хранат во училиштата.

Сепак, организацијата предупредува дека 71 милион деца во светот на возраст за основно образование сè уште не одат на училиште – бројка што е поголема од вкупниот број ученици во основните училишта во Европа, Велика Британија, САД и Канада заедно. Затоа, програмите за училишна исхрана се клучна алатка за поттикнување на редовното посетување на училиште, подобрување на здравјето и отворање нови можности за иднината.

Поглед кон иднината

Работата на „Оброците на Марија“ се темели на посветеноста на илјадници волонтери во повеќе од 40 земји низ светот. Секое утро тие стануваат рано за да подготват хранливи и безбедни оброци во училиштата. Интересен е податокот дека со само 25 долари (22 евра или 19 фунти) може да се обезбеди оброк за едно дете за цела учебна година.

„Иако достигнавме бројка од три милиони деца што ги храниме секојдневно, ние секогаш мислиме на секое дете поединечно – секое дете има име и секое дете е сакано од Бога“, се вели во соопштението на организацијата.

Со оваа порака, „Оброците на Марија“ повторно повикува на глобална солидарност. Денес, повеќе од 181 милион деца под петгодишна возраст живеат во крајна сиромаштија и ризикуваат да умрат од глад. „Прекрасно е што нашата работа достигнува до три милиони деца, но десетици милиони остануваат гладни и без образование. Ги повикуваме сите луѓе со добра волја да ни се придружат за секое дете да има барем еден оброк дневно во своето училиште“, заклучи основачот на организацијата.

 Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот