Во недела 24 август 2025, во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, по повод одбележувањето на независноста на Украина, се одржа молитвен настан за мир, во организација на Амбасадата на Украина во Македонија. Молитвата ја предводеше Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, монсињор д-р Киро Стојанов, во сослужение на отец Зоран И. Стојанов и патер Винко Маслаќ. Покрај амбасадорката на Украина Н.Е. Лариса Дир и претставници на украинската амбасада во Македонија, на настанот присуствуваа владини претставници, претставници на верските заедници, дипломатскиот кор и голем број верници и луѓе со добра волја.
На почетокот на средбата, амбасадорката Дир им се обрати на присутните, изразувајќи благодарност за поддршката и солидарноста што македонскиот народ ја покажува кон Украина во овој тежок историски момент.
Во своето обраќање, епископот Стојанов подвлече дека мирот е единствената опција. Тој истакна дека Црквата, преку ангажманот на папата Фрањо и неговиот наследник Лав XIV, постојано повикува на запирање на сите воени дејствија и градење праведни односи меѓу народите. „Во војна нема победници,“ рече епископот, „сите сме губитници.“
Епископот Стојанов потсети дека според учењето на Црквата, мирот не значи само отсуство на војна, туку потојан процес на создавање праведни односи, дијалог и помирување. Посочувајќи ја пасторалната конституција Gaudium et Spes од Вториот Ватикански собор, нагласи дека вистинскиот мир се гради секојдневно преку практикување на правдата и љубовта.
Во своето излагање се повика и на енцикликата Pacem in Terris на свети Иван XXIII, каде што се истакнува дека трајниот мир почива на четири темелни столба: вистина, правда, љубов и слобода. „Овие принципи,“ нагласи бискупот, „мора да бидат водилки за современиот свет и за решавање на актуелните конфликти.“
Тој забележа дека во последните денови се чувствува промена на наративот околу конфликтот – од фокусот на вооружување и непријателства, кон мировна дипломатија, дијалог и надеж за помирување. Според него, оваа промена е плод на молитвите на верниците ширум светот, а денешната заедничка молитва претставува мал и важен придонес за мирот.
Своето обраќање го заврши со зборовите: „Пресвета Богородица, Царица на мирот, нека посредува за сите народи. Нека ја води Украина, Европа и целиот свет по патот на помирувањето. Да продолжиме заедно да градиме култура на средба, да поттикнуваме дијалог и да се молиме за мир, бидејќи тој е единствената опција за иднината на човештвото и за генерациите кои доаѓаат по нас.“
Модератор на средбата беше Кирил Стојанов.
к.мк