Папата Лав XIV во понеделник 28 јули 2025 година во аудиенција прими делегација од млади мажи и жени кои учествуваат на Јубилејот на младите, доаѓајќи од земјата каде што тој беше мисионер. „Овие денови ќе имате прекрасно искуство – да почувствувате дека сте дел од Божјиот народ, од универзалната Црква која ја опфаќа и ја прегрнува целата Земја, без разлика на раса, јазик или народ“, рече Светиот Отец.
Папата ги охрабри младите да не дозволат Јубилејот да остане само спомен од убави фотографии. По нивното враќање во татковината, ги повика да ја преплават со радоста и силата на Евангелието. Ова го изјави за време на аудиенцијата со младите од Перу, кои пристигнаа во Рим за да учествуваат во јубилејот за млади што започнува во понеделник 28 јули и ќе трае до недела, 3 август. На денешниот национален празник на Перу, Папата ја прими делегацијата од таа земја, каде што повеќе од дваесет години ја вршел својата мисионерска служба. Ликовите на младите го потсетија на времето поминато таму и предизвикаа емоции и живи спомени.
„Ве поздравувам во овој Петров дом, каде што дојдовте како ходочесници на надежта. Сите вие сте ходочесници на надежта и дојдовте за да се сретнете со илјадници други млади луѓе и заедно да го прославите Јубилејот“, рече папата Лав XIV во својот поздрав.
Гледајќи ги младите, Светиот Отец се сети на нивните семејства и на верниците од парохиските заедници кои, со голема жртва и вложен труд, им помогнале да го остварат ова длабоко посакувано патување.
Дел од Божјиот народ
Во продолжение, Папата се повика на денешното Евангелие, кое говори за синаповото зрно и квасецот. Два на изглед безначајни елементи, кои сепак, носејќи во себе сила на живот, се преобразуваат, растат и служат за она за што се дадени – подвлече тој. „И ние сме мали, но не сме сами; Господ сакаше да бидеме дел од едно големо семејство – Црквата“, истакна Светиот Отец.
Во овие радосни денови на јубилејот на млади, сите ќе имате прекрасно искуство – да се почувствувате како дел од Божјиот народ, од универзалната Црква, која ја опфаќа и ја прегрнува целата Земја, без разлика на раса, јазик или народ; Црква што расте како синапово зрно и се развива како квасец.
Живо сведоштво, а не само спомен
Папата Лав XIV ги повика младите Перуанци да го чуваат во срцето сето она што ќе го доживеат во текот на овие денови и да го споделуваат: „Ова е многу важно – она што ќе го доживеете овде не е само за вас. Треба да научиме да го делиме. Ве молам, немојте да дозволите сето ова да остане само спомен, слично на убави фотографии, како нешто минато. Кога ќе се вратите во Перу, сакам да ја преплавите вашата земја со радоста и силата на Евангелието, Радосната вест за Исус Христос.“
Нека секој човек што ќе го сретнете, во вас го препознае лицето на Христос, Оној кој љуби и се дарува, Оној кој е жив и присутен во секој крстен. Затоа љубете и служете слободно, во секојдневниот живот, во мали и скриени дела, зашто вие сте ја искусиле радоста да бидете возљубени и сте примиле сè како дар од Отецот Небесен.
Мисионери на секое место
На крајот, Светиот Отец се осврна на ранците што ги носат младите за време на овие денови, исполнети „само со најнеопходните работи“. Тие „mochilas” (ранци), рече Папата, се знак на посланието кое денес ви го доверувам: бидете мисионери каде и да одите, бидете знаменосци на Господовото присуство, како што беа нашите сакани перуански светци.
Знаете дека папата Фрањо често зборуваше за Перу како за „земја на светци“. Многу светци – не само од минатото, туку и од сегашноста и иднината.
Ватикан њуз/к.мк