Папата до украинските источни католици: „Вашата вера е ставена на испит“

Папата до украинските источни католици: „Вашата вера е ставена на испит“

Папата Лав XIV признава дека верата на украинските источни католици е ставена на тежок испит „среде оваа бесмислена војна“, но нагласи дека Господ ќе го има последниот збор и дека животот ќе триумфира над смртта.

Дури и кога вашата вера е ставена на тешко искушение, верувајте во Бога – ова е пораката што папата Лав XIV ја упати до украинските источни католици во сабота 28 јуни 2025 година, во Ватикан.

Папата ја започна средбата со срдечен поздрав до верниците на Украинската источно-католичка црква, кои пристигнаа на гробот на апостол Петар по повод Јубилејната година. Особено го поздрави Неговото Блаженство, Свјатослав Шевчук, Големиот надбискуп на Киев-Халич, епископите, свештениците, посветените мажи и жени, како и мирјаните.

Поздравувајќи ја делегацијата, папата Лав рече: „Сакам да ја изразам мојата близина до маченичката Украина – до децата, младите, старите, а особено до семејствата што тагуваат по своите најблиски.“ И додаде: „Ја споделувам вашата тага за заробените и за сите жртви на оваа бесмислена војна.“

Држете го погледот вперен во Христос

Светиот Отец увери дека на Господ му ги доверува нивните намери, секојдневни страдања и трагедии, а пред сè нивната жед за мир и спокојство. Нагласи: „Ве охрабрувам да чекорите заедно – пастири и верници – држејќи го погледот вперен во Исус, нашето спасение.“

„Вашето поклонение,“ продолжи тој, „е знак на желбата за обнова на верата, зацврстување на заедништвото со Римскиот епископ и сведоштво за надежта која не разочарува, бидејќи се раѓа од Христовата љубов излеана во нашите срца преку Светиот Дух.“

„Јубилејот нè повикува да бидеме поклоници на таа надеж во текот на целиот наш живот, и покрај тешкотиите на сегашниот момент.“

Многу прашања до Бога

„Верата на вашиот народ,“ призна Папата, „денес е ставена на голем испит. Мнозина од вас, откако започна војната, сигурно се прашале: ‘Господи, зошто се случува сето ова? Каде си? Што треба да направиме за да ги спасиме нашите семејства, домовите и татковината?’“

Соочен со оваа драматична реалност, папата Лав истакна: „Верувањето не значи дека веќе ги имаме сите одговори, туку дека имаме доверба дека Бог е со нас, дека ни ја дарува Својата милост, дека Тој ќе го има последниот збор, и дека животот ќе победи над смртта.“

Учете од Пресвета Богородица

Папата ги повика верниците да ја црпат својата сила и храброст од Пресвета Богородица.

„Дева Марија, толку сакана од украинскиот народ, која со своето скромно и храбро „да“ ја отвори вратата на спасението на светот – нè уверува дека и нашето едноставно и искрено „да“ може да стане инструмент во Божјите раце за остварување на нешто големо.“

„Кажувањето ‘да’ денес,“ додаде тој, „може да отвори нови хоризонти на вера, надеж и мир – особено за оние кои страдаат.“

Господ ќе ја избрише секоја солза

Папата ги охрабри присутните да ја споделуваат својата вера со најблиските, со својот народ и со сите што Господ ќе ги стави на нивниот животен пат. Потсети дека Јубилејот ги повикува сите верници да бидат поклоници на надежта – дури и во најтешките моменти од животот.

Патувањето до Рим, преминот низ Светите Врати и застанувањата кај гробовите на апостолите и мачениците – како што рече Светиот Отец – се симбол на тоа секојдневно патување кон вечноста: „Кон она место каде што Господ ќе ја избрише секоја солза, и каде нема да има веќе ни смрт, ни тага, ни плач, ни болка.“

Папата Лав ја заврши својата порака со молитва Пресвета Богородица, Мајка на надежта, да ги води и заштитува. Им го подели својот апостолски благослов – за нивните семејства, за Црквата и за нивниот народ.

На крајот, Светиот Отец ги поздрави и благослови неколку мајки на војници кои загинале на фронтот, а кои учествуваа во ова поклонение.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот