Папата Лав XIV ја изрази својата близина со христијаните на Блискиот Исток и уште еднаш упати повик за избор на патот на дипломатијата и дијалогот.
За време на Генералната аудиенција во среда 25 јуни 2025 година, папата Лав XIV се потсети на „гнасниот терористички напад“ што се случи врз црквата „Мар Елијас“ во Дамаск, Сирија, на 22 јуни. Тој ги довери жртвите на Божјата милост, изразувајќи постојана молитвена поддршка за повредените и нивните семејства.
Обраќајќи им се на сите христијани од Блискиот Исток, Светиот Отец ја изрази својата солидарност: „Јас сум со вас, целата Црква е со вас.“ Тој истакна дека овој последен напад ја разоткрива „длабоката кршливост“ со која Сирија сè уште се соочува по долгогодишна нестабилност и насилство.
Папата упати апел до меѓународната заедница да не го свртува погледот од оваа земја, туку напротив, да ја поддржи преку „дела на солидарност и обновена посветеност на мирот и помирувањето“.
Нека се избере дипломатијата
Папата, исто така, со внимание и надеж ја следи ситуацијата во Иран, Израел и Палестина.
Повторно упати повик за итно запирање на насилството во регионот, нагласувајќи ја неопходноста од мир, потсетувајќи на зборовите на пророкот Исаија:
„Народ против народ нема да подига меч, ниту ќе се учат повеќе на војна“ (сп. Исаија 2,4).
Во исто време, папата Лав ја изрази својата надеж дека гласот на пророкот ќе одѕвони во срцата на сите, за „раните од последните крвави настани да бидат залечени со правда и милосрдие“.
Завршувајќи го своето обраќање, Папата повика на отфрлање на сите форми на доминација и одмазда, охрабрувајќи ги сите страни да го изберат „патот на дијалогот, дипломатијата и мирот – пат што бара решителност и вера во силата на добрината“.
Ватикан њуз/к.мк