Папата Лав XIV се сретна со епископите од Мадагаскар за време на нивното јубилејно поклонение во Рим, повикувајќи ги сите епископи да се потсетат дека сиромашните се центарот на Евангелието.
Епископите од Мадагаскар, во понеделник 16 јуни 2025 година, се сретнаа со папата Лав XIV во Ватикан, како дел од нивното поклонение во Рим во рамките на Јубилејната година 2025.
Во своето обраќање, Папата ја пофали нивната одлука да се соберат во Вечниот Град, на гробот на свети Петар, потсетувајќи на Апостолската посета на папата Фрањо на нивната земја во 2019 година и нивната ad limina Apostolorum посета во Рим во 2022 година.
„Прекрасно е тоа што сте ходочесници на надежта, заедно со илјадниците верници кои секојдневно ги преминуваат Светите врати на Папските базилики“, рече тој.
Папата додаде дека и епископите се повикани да бидат ходочесници на надежта, најнапред за себе, а потоа и за народот кому служат на Мадагаскар, „за секој да ја прими благодатта на одење во надежта, кој е Исус Христос“.
Слушајќи ги епископите како ги споделуваат своите пасторални радости и тешкотии, Папата Лав ги охрабри да продолжат да одат заедно со верниот народ како жив знак на Евангелието.
„Ве поттикнувам, секој од вас, во вашето епископско служење, со посебна грижа да се посветите на свештениците, кои се ваши први соработници и најблиски браќа, како и на монашките лица – мажи и жени – кои служејќи се посветуваат“, рече тој.
Папата ја пофали мисионерската виталност на Црквата во Мадагаскар, која продолжува по стапките на мисионерите и мачениците што им претходеле, особено Анри де Солаж, првиот мисионер, и свети Жак Бертије, првиот канонизиран маченик од земјата.
„Ве молам, не го одвраќајте погледот од сиромашните,“ истакна папата Лав XIV. „Тие се во центарот на Евангелието и се привилегирани приматели на радосната вест.“
Ги повика сите епископи да го препознаат Христовото лице во сиромашните, секогаш грижејќи се да покажат „конкретна солидарност кон најмалите“.
Во заклучокот, папата Лав ги повика сите да се грижат за заедничкиот дом, со цел да се зачува убавината на Мадагаскар, истакнувајќи дека грижата за созданието е составен дел од нивното пророчко послание.
„Грижете се за созданието, кое воздивнува од болка“, рече тој, „и научете ги вашите верници на уметноста на неговото чување со правда и мир.“
Ватикан њуз/к.мк