Кога претставници на Светиот Престол оваа недела поминаа низ Светата Јубилејна Врата, ним им се придружи и еден православен теолог, чија организација помогна во организирањето на значајна католичко-православна конференција посветена на Првиот вселенски собор во Никеја.
Околу 5.000 верници, учесници на Јубилејот на Светиот Престол, во понеделникот, на 9 јуни, во процесија поминаа низ Светата Врата на базиликата Свети Петар, предводени од папата Лав XIV.
При влегувањето, поминаа покрај плочата која ја овековечува средбата од 1967 година помеѓу папата свети Павле VI и вселенскиот патријарх Атинагора од Цариград. На натписот стои дека тие се молеле „за обновување на полното заедништво помеѓу Католичката и Православната Црква“.
Д-р Пол Гавриљук, претседател на Меѓународната православна теолошка асоцијација (IOTA), им се придружи на вработените од Ватикан во ова јубилејно ходочестие по повод Јубилејната година 2025.
Во разговор за Vatican News, д-р Гавриљук рече дека историските средби помеѓу Папата и Патријархот претставуваат „неверојатно важни чекори кон единството на Црквата“, кое неговата организација се надева дека ќе продолжи да го унапредува.
На Јубилејот на Светиот Престол присуствувал „за да му изразам благодарност на Бога и да ги слушнам мудрите зборови на Папата за христијанското единство и помирување.“
Д-р Гавриљук е професор по теологија и филозофија, носител на катедрата „Аquinas Chair“ на Универзитетот „Свети Тома“ во Сент Пол, Минесота, САД.
Неговата организација IOTA помогна во организирањето на конференцијата што минатата недела се одржа на Папскиот универзитет „Ангеликум“ во Рим, на тема: „Никеја и Црквата на третото илјадалетие: кон католичко-православно единство“.
Првиот вселенски собор во Никеја во 325 година имал за цел „да ги надмине поделбите во Црквата и да го обнови нејзиното заедништво“, истакнува д-р Гавриљук. „Успеаја да прогласат едно верување – Никејско-Цариградското Символот на верата кое сè уште го молиме на светата Литургија.“
Конференцијата по повод 1700-годишнината од Никеја не се фокусираше само на историскиот настан, туку отвори хоризонти кон иднината на единството во Црквата.
„Кога зборуваме за Црквата на третото илјадалетие,“ вели тој, „нашата надеж и очекување е дека таа ќе биде Црква што навистина ќе живее во полно заедништво – особено меѓу католиците и православните. А тоа, се разбира, значи учество во Телото и Крвта Христова на иста евхаристиска трпеза.“
Според д-р Гавриљук, Меѓународната православна теолошка асоцијација обединува над 1.700 црковни водачи и научници од 44 земји, со цел да се поттикне размена на знаење и истражување во православната традиција.
Конференцијата, одржана од 4 до 7 јуни, ги собра католиците од латинскиот и источните обреди, како и епископи и теолози од коптската, сиријската, халкедонската и ерменската традиција. Меѓу учесниците беа и надбискупот Рован Вилијамс од Англиканската заедница и кардинал Курт Кох, префект на Дикастеријата за унапредување на христијанското единство.
„Во досегашните теолошки дијалози,“ вели д-р Гавриљук, „често ги нагласувавме ‘дрвјата’ – нашите разлики и поделби, наместо да ја согледаме ‘шумата’ – нашето суштинско единство во верата во Бога – Отец, Син и Свет Дух. Веруваме и дека Синот Божји, кој е вистински Бог, стана човек заради нас и заради нашето спасение.“
Според него, дијалогот помеѓу католици и православни треба да се фокусира на теолошки теми кои нè обединуваат како христијани.
Една од таквите теми е теологијата на обожувањето (деификацијата), која претставува „низок плод“ – односно тема за која постои суштинско согласување: дека човекот, преку Божјата благодат, учествува во животот на Бога и станува „по благодат она што Бог е по природа.“
При средбата со папата Лав XIV во саботата, д-р Гавриљук го претставил делувањето на IOTA и ја изразил својата желба дијалогот да се насочи токму кон темата за обожувањето.
„Она што е извонредно кај оваа учење,“ заклучува тој, „е фактот што, иако е прифатено од Истокот и Западот, никогаш не добило значајно формално потврдување на некој вселенски собор.“
Ватикан њуз/к.мк