Апостолскиот нунциј во Македонија Суриани во заедништво со епископот Стојанов служеше света Литургија за упокоение на душата на папата Фрањо во Скопската катедрала
Во понеделник, 5 мај 2025 година, во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје Апостолскиот нунциј во Македонија, Н.Е. монсињор Лучано Суриани, во заедништво со Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор Киро Стојанов, служеше света Литургија за упокоение на душата на папата Фрањо. Со нив сослужуваа катедралниот парох дон Винко Маслаќ, директорот на Македонски Каритас и ректор на светилиштето во Паљурци, протојереј ставрофор отец Зоран И. Стојанов, отец Христофер Сајлер, соработник во нунцијатурата, катедралниот капелан Томислав Рукавина, дон Томаш Бак и отец Тони Ангелов.
На светата Литургија покрај верниот народ, присуствуваа претставници на дипломаткиот кор и лица од јавниот живот.
Во проповедта, потсетувајќи на понтификатот на папата Фрањо, апостолскиот нунциј Суриани истакна дека папа Фрањо беше пастир кој до крај го љубеше својот народ. Дури и во последните часови од својот живот, ослабен и немоќен, не се откажа од својот гест на близина со луѓето, благословувајќи го светот и поздравувајќи ги верниците на плоштадот Свети Петар. Според него можеме да ја забележиме замислата на Божјото провидение во фактот, дека папата Фрањо нé напушти во ова пасхално време, затоа што не престануваше да нè потсетува колку е важно да ја откриеме и да ја живееме евангелската радост, која е пасхална радост, радост за победата на Христа над гревот и смртта.
Во продолжение нунцијот додаде како воскреснатиот Христос објави „Мир вам„ при Неговата прва средба со учениците, вечерта на првиот ден од пасхалната седмица, кога беа собрани во собата на Последната вечера, така и папата Фрањо ја промовираше вредноста на мирот. Тој зборуваше за Трета светска војна, која се води во делови, слично на својот заштитник Свети Фрањо од Асизи, се стремеше да биде инструмент на мирот. Застапувајќи се за мирот, апостолскиот нунциј Суријани истакна дека папата Фрањо постојано повикуваше за крај на војните и насилството – од Украина до Газа, од Судан до Мјанмар, давајќи го за пример неговиот пример кога ги бакнува нозете на суданските лидери. Тој беше длабоко уверен дека насилството раѓа само ново насилство и затоа беше посебно посветен на дијалогот како единствен пат кон мир.
Овој дијалог го гради не само меѓу народите и религиите, туку и внатре во самата Црква – преку Синодата за синодалност и повикот до сите верници да бидат „ходочесници на надежта“. Тој веруваше во Црква за сите – „todos, todos, todos“. Тој потсети и на Апостолската посета на папата Фрањо во Скопје додавајќи: „Помислете на Мајка Тереза: кога живееше тука, не можеше да претпостави каков ќе биде нејзиниот живот, но никогаш не престана да сонува… Сакаше да биде „молив во рацете Божји“. Тоа беше нејзиниот сон. Му го даруваше на Бога, веруваше во тој сон, страдаше за него и никогаш не се откажа. И Бог почна да пишува со тој молив нови и прекрасни страници. Едно девојче од вашиот народ, една жена од вашиот народ, мечтаејќи, напиша големи работи. Секој од вас, како Мајка Тереза, е повикан да работи со свои раце, да го сфати животот сериозно и од него да направи нешто прекрасно.“
Проповедта ја заврши со зборовите: Да Му благодариме на Бога за папата Фрањо, за неговиот живот и за неговата служба, за сè она добро што тој го напиша во книгата на историја на Црквата, и да се молиме за вечен покој на неговата душа, а на Папата кој што нé научи дека името на Бог е Милосрдие, воскреснатиот Господ нека му дарува од Својата милост. Да се молиме Господ да го пречека со зборовите од Евангелието: „Убаво, добри и верни слуго! (…) влези во радоста на својот господар!.
На крајот од евхаристиското славење, епископот Стојанов се заблагодари на Апостолскиот нунциј, како и на присутните: претставниците на МПЦ-ОА, директорката на Комисијата за верски односи и религиозни групи, Оливера Трајковска, амбасадорката на Украина во Македонија, Лариса Дир, поранешниот претседател на Генералното собрание на ОН, Срѓан Керим, поранешните амбасадори на Македонија во Светиот Престол Иван Ангелов, Бартоломеј Кајтази и Звонимир Јанкуловски.
Во текот на денот во катедралата од 9:30 до 18:00 часот беше отворена Книга на жалост.
к.мк