Во пресрет на изборот на новиот Петров наследник епископот Стојанов упати повик за молитва

Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов, на 1 мај 2025 година во пресрет на конклавата, упати писмо до свештенството, монаштвото и верниот народ.
Тој најпрво благодари на Бога за дарот на служењето на Светиот Отец, папата Фрањо, кого го носиме во нашите сеќавања и молитви, воедно повикувајќи, во овие денови, пред почетокот на Конклавата и за време на Конклавата, која започнува на 7 мај, да ги насочиме нашите срца и молитви кон тој важен настан за Универзалната Црква.
Како што е предвидено според Ordo Rituum Conclavis, Црквата за време на Конклавата се соединува во молитва со своите пастири, особено со кардиналите избирачи, кои ја носат одговорноста да го изберат новиот Петров наследник.
По тој повод, епископот Стојанов упатува апел до сите парохии, монашки заедници и црковни движења да се приклучат во молитвата на начин соодветен на пасторалната реалност.
Истакнувајќи ја силата на заедничката молитва, како што сведочат Светото Писмо и историјата на Црквата, епископот Стојанов повикува во заедништво со Пресвета Богородица, Мајка на Црквата, постојано и еднодушно да молиме Господ да ни дарува достоен врховен пастир.
Потоа епископот Стојанов упатува конкретни пасторални насоки за време на конклавата до изборот на новиот Петров наследник.
к.мк