Во петок вечер, 25 април 2025 година Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје служеше света Литургија за покој на душата на папата Фрањо. Со епископот Стојанов сослужуваа катедралниот парох патер Винко Маслаќ, деканот и директор на Македонски Каритас протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов, бискупскиот канцелар протојереј ставрофор отец Марјан Ристов, парохот во Куманово дон Томас Бак, парохот во Штип отец Тони Ангелов и катедралниот капелан патер Томислав Рукавина.
Во својата проповед епископот Стојанов се осврна на понтификатот на папата Фрањо, неговото едноставно служење на Црквата и милосрдие кое го покажа кон лицата во потреба. Епископот Стојанов посебно се осврна на Апостолската посета на папата Фрањо на Македонија во мај 2019 година, поттикнувајќи сеќавање од средбите кои ги имаше со верниците, како и пораките кои ги остави како завет на црквата во Македонија.
Согласно пасторалните насоки на епископот Стојанов, во сите цркви во Скопска бискупија и Струмичко-скопската епархија денес и утре ќе се служат свети Литургии за покој на папата Фрањо.
к.мк