Ви го пренесуваме размислување за Месопусна недела син, според Евангелието од Матеј 25,31-46 кое е објавено на социјалните мрежи на Радио Марија
Од Евангелието според Матеј (25,31-46)
А кога ќе дојде Синот Човечки во Својата слава и сите свети ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на славата Своја и ќе се соберат пред Него сите народи; па ќе ги оддели едни од други, како што овчарот ги одделува овците од козите; и ќе ги постави овците од Својата десна страна, а козите од левата. Тогаш Царот ќе им каже на оние што Му се од десната страна: »Елате, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, приготвено за вас од почетокот на светот; оти, гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте; необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте при Мене.« Тогаш праведниците ќе Му одговорат и речат: »Господи, кога Те видовме гладен и Те нахранивме, или жеден и Те напоивме? Кога Те видовме странец и Те прибравме, или необлечен и Те облековме? Кога Те видовме болен, или во затвор, и Те посетивме?« А Царот ќе им одговори и рече: »Вистина, ви велам: доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле.« Тогаш ќе им каже и на оние што се од левата страна: »Одете од Мене, проклети, во вечен оган, приготвен за ѓаволот и неговите ангели. Зашто, гладен бев и не Ми дадовте да јадам; жеден бев и не Ме напоивте; странец бев и не Ме прибравте; необлечен бев и не Ме облековте; болен и во затвор бев и не Ме посетивте.« Тогаш и тие ќе Му одговорат и речат: »Господи, кога Те видовме гладен, или жеден, или странец, или необлечен, или болен, или во затвор, и не Ти послуживме?« Тогаш ќе им одговори и рече: »Доколку не сте го направиле тоа на еден од овие најмали браќа и Мене не сте Ми го направиле.« И тие ќе отидат во вечна мака, а праведниците – во живот вечен.”