Во сабота, 11 јануари 2025 година, папата Фрањо ја започна серијата аудиенции по повод Јубилејот, момент за пречек и прегрнување на ходочесниците по повод Светата година. Во катехезата, тој размислуваше за Иван Крстител и ги охрабри верниците да го направат квалитативниот исчекор што го предлага Евангелието: да се препознаат себеси како мали за да го прифатат Царството Божјо, на што „бројните Иродовци“ на нашите денови сè уште се противат. Во завршниот поздрав тој уште еднаш поттикна да се молиме за мир, нагласувајќи дека војната секогаш е пораз.
Папата Фрањо на 11 јануари ја предводеше првата аудиенција по повод Јубилејот во салата Павле VI, за илјадници верници кои дојдоа од целиот свет, кои ги нарече „ходочесници на надежта“.
Утрово ја започнуваме аудиенцијата по повод Јубилејот во сабота, со која сакаме на еден духовен начин да им посакаме добредојде и да ги прегрнеме сите оние кои доаѓаат од целиот свет да бараат нов почеток. Јубилејот е, имено, нов почеток, можност секој одново да започне со Бога.
Папата додаде дека во саботите би сакал секој пат да истакнува различен вид на надеж.
Тоа е теолошка крепост, а на латински virtus значи „сила“; па, силата која доаѓа од Бога. Надежта не е навика или карактерна особина – која некој ја има или ја нема – туку сила за која треба да се молиме. Затоа стануваме ходочесници: доаѓаме да се молиме за дар, за повторно да го започнеме одењето во животот.
Спомнувајќи го празникот Крштевање Господово, Светиот Отец истакна дека овој празник нè повикува да размислуваме за големиот пророк на надежта – Иван Крстител. „Исус за него рече дека е најголем меѓу родените од жени. А сепак, и најмалиот во Божјото царство е поголем од него“, потсети Папата и нагласи:
Сета надеж, браќа и сестри, се крие во овој квалитативен чекор напред. Тоа не зависи од нас, туку од Божјото царство. Еве едно изненадување: прифаќањето на Божјото царство нè води до нов поредок на големина. Ова е она што толку многу ни треба на нашиот свет и на сите нас!
„Ние носиме и многу прашања на нашето животно ходочестие, бидејќи има многу „Иродовци“ кои сè уште се противат на царството Божјо. Исус, сепак, ни покажува нов пат, патот на блаженствата, кои се изненадувачкиот закон на Евангелието“, истакна Светиот Отец и постави важни прашања:
Па да се запрашаме дали имам вистинска желба за нов почеток? Дали сакам да учам од Исус кој е навистина голем? Најмалиот во Царството Божјо, тој е голем. Според тоа, од Иван Крстител учиме да се преиспитуваме. Надежта за нашиот заеднички дом – оваа наша Земја, толку злоупотребена и ранета – и надежта за сите човечки суштества се крие во Божјата различност. Неговата големина е различна.
„И повторно тргнуваме од онаа Божја оригиналност, која блесна во Исус и која сега нè обврзува на служење, на братска љубов, да се препознаваме во малите. И да ги видиме малите, да ги слушаме и да им бидеме глас. Еве нов почеток, тоа е нашиот Јубилеј!“, заврши Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк