На третиот ден од Божиќ, на празникот Свети Стефан првомаченик и архиѓакон, Н.В.П. монсињор Киро Стојанов служеше света архиерејска Литургија во црквата „Раѓање на свети Иван Крстител“ во Струмица во сослужение на парохот протојереј отец Гоце Костов, поранешниот катедрален парох протојереј ставрофор отец Георги Трајков, парохот во Охрид отец Оливер Тантушев и капеланот отец Трајче Ташев. Покрај верниот народ на светата Литургија присуствуваа и сестри Евхаристинки од Скопје.
Во проповедта епископот Стојанов се осврна на животот и сведоштвото на светиот првомаченик Стефан. Луѓето со добра волја, кои ги сакаат сите и им простуваат на сите ќе го добијат мирот Божји, рече монсињор Киро и додаде: Само христијанинот кој може да ги повтори зборовите на свети Стефан првомаченик „Господи не земај им го ова за грев“, ќе биде ослободен од своите лични гревови.“ Во продолжение на проповедта епископот се осврна на јубилејната година, изнесувајќи детали за тоа како може да се добие јубилејниот потполн опрост од времените казни. Носени од надежта, која е во центарот на Јубилејната година, епископот Стојанов упати молитва до светиот првомаченик Стефан, чиј мошти денес ги чествуваме, неговото сведоштво да биде пример за сите, при тоа честитајќи го именденот, на оние кои го носат името на првомаченикот Стефан.
Светата Литургија заврши со многаја лета и миросување на верниците.
Во предвечерието на празникот епископот Стојанов, служеше Велика Вечерна, а претходно во процесија беа внесени во црквата моштите на свети Стефан првомаченик.