Папата Фрањо: Војната не ги решава проблемите

Папата Фрањо: Војната не ги решава проблемите

На крајот од Генералната аудиенција во среда 4 декември 2024 година, папата Фрањо уште еднаш поттикна да молиме за мир во земјите погодени од конфликти. „Војната е човечки пораз“, рече тој и потсети на иницијативата на полските бискупи за Денот на молитва и материјална помош за Црквата на Исток: благодарност за даровите во тие области, особено во Украина. Бидејќи денеска за прв пат катехезата беше прочитана на кинески, Папата упати посебен благослов до кинескиот народ

Војната е човечки пораз… Војната не решава проблеми, војната е зло, војната уништува.

Тоа беше како литанија во апелот на папата Фрањо против ужасите на конфликтите што ги погодуваат народите и нациите во Источна Европа, Блискиот Исток, Југоисточна Азија и Африка, коој го упати од плоштадот Свети Петар на крајот од Генералната аудиенција. Откако ги поздрави присутните верници на различни јазици, Папата ги охрабри да се обединат во заедничка молитва во овој тежок момент во кој се наоѓа светот, обележан со насилство кое изгледа дека се умножува наместо да се намалува.

Ве молам, да продолжиме да молиме за мир…

Посебни мисли посветени на децата, жртви на војните

Како и секоја среда, така и во неговото пладневно обраќање во недела, Папата ги спомна областите кои страдаат, почнувајќи од Украина, потоа Палестина, Израел, Мјанмар. Нашите мисли се посветени на жртвите, особено на децата – рече тој и додаде: Толку многу невини луѓе се мртви. Според извештајот на УНИЦЕФ, потврдениот број на деца убиени во руските напади во Украина, во споредба со минатата година, годинава е зголемен на речиси 40%. Пред неколку месеци, истото тело на ОН предупреди на зголемување на цивилните жртви, вклучително и деца, поради употребата на мини и други експлозивни направи кои ги користат страните во Мјанмар. Покрај тоа, има повеќе од 3.000 деца под пет години убиени во Појасот Газа.

Толку мртви деца, толку мртви невини. Да го молиме Господ да не доведе до мир. Секогаш да молиме за мир.

Ден на молитва и материјална помош за Црквата на Исток

Посебни мисли папата Фрањо посвети на Украина во поздравот до полските верници, во кој потсети дека следната недела, на 8 декември, се одбележува XXV. ден на молитва и материјална помош за Црквата на Истокот. Станува збор за иницијатива на полските бискупи, која се повторува 24 години, а во рамките на која во соработка со институции, парохии, конгрегации, заедници или индивидуални донатори се организира и испраќа хуманитарна помош како поддршка за воените бегалци кои престојуваат во Полска, како и за луѓето кои живеат во области погодени од последиците од војните.

Им благодарам на сите кои ја поддржуваат Црквата во тие области со молитви и приноси, особено во Украина разурната од војна. Од срце ве благословувам!

Читање на резимето на катехезата на кинески

Посебен благослов упати папата Фрањо до кинескиот народ, по повод читањето на резимето на катехезата во среда за прв пат на кинески јазик. Откако преведувачот го прочита текстот, Папата, гледајќи во група млади мажи и жени од Кина, во првиот ред на плоштадот Свети Петар, испрати поздрав до таа голема источна земја кон која секогаш ја потврдуваше својата почит и наклонетост.

Сакам да упатам срдечни поздрави до присутните лица кои зборуваат кинески и оние кои се поврзани преку медиумите. Молам за радост и мир на сите вас и вашите семејства. Господ нека ве благослови!

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот