Генерална аудиенција: Светиот Дух ја шири и соединува Црквата

Генерална аудиенција: Светиот Дух ја шири и соединува Црквата

„Светиот Дух ја обезбедува универзалноста и единството на Црквата“, потсети папата Фрањо во катехезата на редовната генерална аудиенција во среда 9 октомври 2024 година, одржана на плоштадот Свети Петар. Во серијата катехези за Светиот Дух и Црквата, тој конкретно спомна за настани од Делата на светите апостоли.

Како што рече Светиот Отец, непосреден учинок од исполнувањето на учениците со Светиот Дух на Педесетница е тоа што „апостолите почнаа да зборуваат на други јазици“ и го напуштија Џенаколо за да го навестат Исус Христос на мноштвото.

Лука сакаше да го истакне општото послание на Црквата, како знак на новото единство меѓу сите народи. Можеме да видиме два начини на кои Духот создава единство. Од една страна ја насочува Црквата кон надвор, за да може да прими поголем број луѓе и народи; од друга страна ја собира во себе за да го зацврсти постигнатото единство. Ја учи да се шири во универзалноста и да се собира во единство – тоа е тајната на Црквата.

Второто делување на Светиот Дух – она ​​што создава единство – е опишано во 15-то поглавје од Дела на светите апостоли, во настанот на таканаречениот Ерусалимски собор.

Проблемот е како да се успее, постигнатата универзалност да не го загрози единството на Црквата. Светиот Дух не секогаш донесува единство ненадејно, чудесно и решително, како на Педесетница. Тоа го прави – и во повеќето случаи – со тоа што дејствува дискретно, почитувајќи го времето и човечките разлики, поминувајќи низ луѓе и институции, со молитва и разговор. Синодално, би кажале денес.

Потсетувајќи на зборовите на свети Августин, кој вели дека „Светиот Дух за телото Христово, кое е Црквата, е она што е душата за човечкото тело“, Папата истакна дека Светиот Дух не го постигнува единството на Црквата однадвор и не заповеда само да бидеме обединети, туку Тој Самиот е „врска на единството“.

Единството на Црквата е единство меѓу луѓето и не се постигнува на трпеза, туку во животот. Сите сакаме единство и го сакаме од се срце; но тоа е толку тешко да се постигне што, дури и во бракот и семејството, заедницата и хармонијата се едни од најтешките работи за постигнување и уште потешки за одржување. Единството на Педесетницата, според Духот, се остварува кога се трудиме во центарот да го ставиме Бога, а не себеси. Единството на христијаните се гради и на овој начин: не чекајќи другите да дојдат до нас таму каде што сме, туку со заеднички чекорење кон Христос.

„Да го молиме Светиот Дух да ни помогне да бидеме орудие за единство и мир“, заклучи Светиот Отец и повика секојдневно да се моли бројаница и ги охрабри верниците да ги вклучат во неа напатените народи на Украина, Палестина, Израел, Мјанмар и Судан кои страдаат.

к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот