Папата: Решавањето на проблемот со сиромаштвото е важно за светскиот мир 

Папата: Решавањето на проблемот со сиромаштвото е важно за светскиот мир 

Нееднаквоста е главната причина за општествените проблеми, истакна Папата во обраќањето до учесниците на состанокот на народните движења организиран на 20 септември 2024 година во Ватикан од Одделот за интегрален човечки развој. 

„Сè додека не се решат радикално проблемите на сиромашните, додека не ја напуштиме автономијата на пазарите и финансиските шпекулации и не ги отстраниме структурните причини за нееднаквоста, проблемите на мирот нема да бидат решени“, рече Папата. 

Светиот Отец ја истакна важната улога на Народните движења во борбата против социјалната неправда. „Ги надминавте пасивноста и песимизмот, одбивте да бидете скромни жртви, се препознавте како субјекти на историјата“, додаде Светиот Отец. 

Папата изрази уверување дека крикот на отфрлените мора да ја разбуди совеста на политичките лидери кои се должни да гарантираат зачувување на економските, социјалните и културните права. 

Светиот Отец ги повика богатите луѓе кои поседуваат најголем дел од светското богатство да го споделат со другите. „Ги молам привилегираните луѓе на овој свет да го направат овој чекор, за да бидат многу посреќни, а ние да станеме уште поголеми браќа“, рече Папата.  

Папата Фрањо предупреди на опасностите од современите облици на колонизација. „Материјалниот, идеолошкиот и културниот колонијализам често одат рака под рака, присвојувајќи го материјалното и нематеријалното богатство на луѓето. Во име на глобализацијата, целта е сѐ да се стандардизира и потчини. Политичарите мора да ја сфатат оваа закана и да не се плашат“, рече Папата, истакнувајќи дека кукавичлукот предизвикува многу политичари да ги предадат сопствените убедувања. 

„Напуштањето на благородните и великодушни идеали да му служиме на богот на парите и моќта е големо отпадништво“, додаде Светиот Отец, нагласувајќи дека на политичарите мора да им се помогне да не ги приклонат колената на златното теле. 

Папата спомна и алармантни социјални катастрофи како што се трговија со дрога, детска проституција, ропство, насилство и организиран криминал. Тој не го заборави проблемот со коцкањето, кое уништува цели семејства и води до психички болести, очај и самоубиство. „Тажно е што денес се рекламира коцкањето на фудбалски натпревари со големи спортски ѕвезди“, рече тој. 

Светиот Отец ги повика компаниите кои работат на полето на информатичката технологија, дигиталните платформи, социјалните мрежи и вештачката интелигенција. „Да не мислите дека сте над законот. Ваша должност е да ја спречите употребата на овие мрежи за дистрибуција на коцкање, детска порнографија и организиран криминал“, нагласи папата Фрањо. 

Ватикан њуз/к.мк 

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот