За време на молитвта Ангел Господов, во недела 28 јули 2024 година, Светиот Отец се осврна на неделното литургиско Евангелие, кое зборува за чудото на лебовите и рибите. Тој ги покани верниците да размислуваат за гестовите на принесување, благодарност и споделување, гестови што Исус ќе ги повтори на Последната вечера
Толкувајќи го говорот за момчето кое има пет леба и две риби, Светиот Отец рече дека во овој гест се препознаваме себеси како оние кои имаат нешто добро да дадат и нè поттикнува да го кажеме нашето „да“, дури и ако тоа што го имаме е исто така малку со оглед на потребите. Тоа се нагласува ина светата Литургија, кога свештеникот принесува леб и вино на олтарот, но и секој се принесува себеси, својот живот.
„Тоа е гест кој можеби изгледа незначаен, ако мислиме на огромните потреби на човештвото, исто како што тие пет леба и две риби се мали во споредба со големото мноштво илјадници луѓе; но Бог го прави материја за најголемото чудо што постои: она во кое Тој Самиот, Самиот, станува присутен меѓу нас, за спасение на светот“, рече Папата.
Првиот гест помага да се разбере вториот гест на возвишена пофалба, кажувајќи му на Господ со понизност, но и радост дека неговиот дар е се што имаме, а кога благодариме можеме да возвратиме само со она што ни е дадено, додавајќи што можеме, рече Светиот Отец и истакна: „Секој од нас може да додаде нешто. Што можам да му дадам на Господа? Која е малата работа што може да се даде? Својата сиромашна љубов. Да кажам: „Господи, те сакам!“. Ние сме бедни луѓе, нашата љубов е толку мала! Но, ние можеме да му ја дадеме на Господа, Господ го прифаќа“.
Толкувајќи го, пак, третиот гест – гестот на споделување, Папата рече дека на светата Литургија тоа е причеста, кога заедно пристапуваме до олтарот за да ги примиме Телото и Крвта Христови, плод на дарот на сите, кои Господ ги претвори во храна за сите.
„Ова е преубав момент, момент на заедништво, кој не учи секој гест на љубов да го живееме како дар на благодат, и за оние кои даваат и за оние кои примаат“, рече Папата, кој на крајот посака Богородица да ни помогне секоја Евхаристија да ја живееме со вера, и во секој ден да ги препознаваме и уживаме во „чудата“ на Божјата благодат.
к.мк