Покрај 4. Светски ден на бабите и дедовците и старите лица, папата Фрањо во недела 28 јули 2024 година по молитвата Ангел Господов повика да се зајакне „сојузот меѓу внуците и бабите и дедовците, меѓу младите и старите“.
Денеска, рече Светиот Отец, се одбележува Светскиот ден на бабите и дедовците и старите лица на тема „Не ме оставај во староста“ (сп. Пс 71, 9). Напуштањето на постарите е тажна реалност на која не смееме да се навикнеме. За многумина од нив, особено во овие летни денови, осаменоста се заканува да стане тежок товар за поднесување, нагласи тој.
Денешниот ден нѐ повикува да го слушаме гласот на постарите кои велат: „Не ме оставај!“ Ние одговараме: „Нема да те оставам!“ Да го зајакнеме сојузот меѓу внуците и бабите и дедовците, меѓу младите и старите. Да кажеме „не“ на осаменоста на постарите! Нашата иднина во голема мера зависи од тоа како бабите и дедовците и внуците ќе научат да живеат заедно. Да не ги заборавиме постарите! Аплауз до сите баби и дедовци, до сите, рече Папата.
Тој, исто така, истакна дека ги гарантира неговите молитви за жртвите од огромното лизгање на земјиштето што погоди едно село во јужна Етиопија. Ја изразувам мојата близина со луѓето кои го претрпеа тоа големо искушение, како и со оние кои даваат помош, нагласи Папата.
„И додека има многумина во светот кои страдаат од катастрофи и глад, оружјето продолжува да се произведува и продава и да се уништуваат добрата, поттикнувајќи големи и мали војни. Тоа е соблазна што не треба да се толерира од меѓународната заедница и е во спротивност со духот на братството на Олимписките игри кои штотуку започнаа. Да не заборавиме, браќа и сестри: војната е пораз“, предупреди папата Фрањо во своето обраќање до верниците по молитвата Ангел Господов.
Ватикан њуз/к.мк