Подсекретарката на Дикастеријата за мирјани, семејство и заштита на животот го модерираше состанокот посветен на проблемот со сурогат мајчинството, кој се одржа во канцеларијата на ОН во Женева во контекст на седницата на Советот за човекови права. Се разговараше за потребата од меѓународно планирање за заштита на жените и децата од сите форми на експлоатација.
Сурогат мајчинството е „сериозно кршење на достоинството и правата на жените и децата“ и меѓународната заедница „мора да се чувствува повикана да размисли за итноста од наметнување апсолутна забрана“ за оваа пракса, на што повика и папата Фрањо во својот говор пред дипломатските кор во јануари годинава. Всушност, постои „консензус на силна негативна осуда“ на оваа пракса ширум светот, „и од различни политички, етички и верски позиции“. Ова го истакна Габриела Гамбино, подсекретарка на Дикастеријата за мирјани, семејство и заштита на животот, сумирајќи ја дискусијата одржана на 18 јуни 2024 година во седиштето на ОН во Женева.
Настанот на тема: „По која цена? За укинување на сурогат мајчинството: Спречување на експлоатација и комерцијализација на жените и децата“ беше организирана од Постојаната мисија на Светиот Престол при Обединетите нации во Женева заедно со фондацијата „Caritas in Veritate“, кој се одржа за време на 56. сесија на Советот за човекови права во Женева со поддршка на постојаните мисии на Италија и Суверениот воен ред на Малта.
Целта на средбата, како што објасни модераторката во воведниот збор, е „да се размисли за итноста на меѓународниот одговор на феноменот на сурогат мајчинство“. Свесни за фактот дека „прокреативниот туризам“, генериран од разликите во законите на државите во врска со сурогат мајчинството, „сè уште останува причина за транснационална експлоатација на жените и децата преку оваа пракса“. Гамбино е убедена дека е неопходно „да се промовира заедничка посветеност за универзална заштита на достоинството и основните човекови права на оние кои се вклучени во оваа пракса“.
Официјалната ватиканска претставничка ја цитираше неодамнешната Декларација Dignitas infinita на Дикастеријата за наука на верата (април 2024 година), која нагласува дека секое дете има право „да има целосно човечко потекло и […] да го прими дарот на живот, во кој се манифестира достоинството на давателот и на примателот“. Таа повтори дека „не се дозволени сите методи на зачнување и дека не постои „право да се има дете“ во строго правна смисла што би можело да оправда каква било практика за прокреација“. Габриела Гамбино продолжувајќи потсети на проблемите поврзани со сурогат мајчинството, од „обезличување и процесуализација на раѓањето“ до „комерцијализација и експлоатација на жените“ од една страна и „реификација на детето од друга“. Ова, според неа, е „форма на договарање на фундаментални човечки односи, чија цел е трајно да влијае на идентитетот и животот на вклучените субјекти“.
Ватикан нуз/к.мк