На 16 мај 2024 година, папата Фрањо се сретна со делегацијата на „Apostolikì Diakonia“ на Грчката православна црква и им одаде признание за иницијативите кои дваесет години се спроведуваат заедно со Католичкиот комитет за културна соработка на Дикастеријата за унапредување на христијанското единство.
На средбата присуствуваше и митрополитот Агатангелос, генерален директор на црковното тело на Светиот синод на Грчката православна црква, чија задача е да се грижи за планирањето, организацијата, мисионерската и просветната работа на Светиот синод на Грчката православна црква. Присутна беше и делегација од Богословскиот факултет од Атина. Папата ја искористи можноста да испрати мисла „полна со братска љубов до архиепископот атински и цела Грција, неговото блаженство Јероним, човек со длабока вера и мудар пастир“. Тој изрази благодарност до него за поддршката на активностите што заеднички ги промовираат „Apostolikì Diakonia“ и Католичкиот комитет за културна соработка.
Двете тела заеднички промовираа проекти од заемен интерес на културно и образовно ниво, надминувајќи ги тешките времиња како што се економската криза што ја погоди Грција и пандемијата, истакна Папата. Телата му дадоа приоритет на „културното, теолошкото и екуменското образование на новите генерации“. Папата смета дека оваа последна точка може да го продлабочи пријателството меѓу католиците и православните. „Младите луѓе, поддржани од надежта заснована на верата, можат да ги скршат синџирите на огорченост, недоразбирање и предрасуди, кои со векови ги држат католиците и православните заробеници, спречувајќи ги да се препознаат како браќа обединети во различноста, способни да ја сведочат Христовата љубов. особено во овој толку поделен и конфликтен свет“, рече Светиот Отец.
Во рамките на соработката, летово на Богословскиот факултет во Атина ќе бидат примени група католички студенти, кои ќе имаат можност да го научат современиот грчки јазик, но и за Православната црква. Заедно да се оди, моли и работи, ова е начинот по кој треба да се оди, според папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк