Во сабота и недела 27 и 28 април 2024 година во Богданци се одржа средба на млади од Македонија и Бугарија во организација на Движењето на Фоколарите. Средбата се одржа по повод посетата на одговорните за огранокот на новите генерации на Движењето од Рим: Фиорела Тасини, Федерико Вијара и Алфонсо Јунг.
Програмата започна со кратки размислувања, меѓу кои имаше впечатливи делови од говорот на папата Фрањо кон младите по повод неговата посета на Македонија во 2019 година.
Во сабота попладне, на местото на идното светилиште во Паљурци, се одржа квиз и игра „По трагите на Свети Павле“. Тоа ги приближи младите до еден важен историски настан што се случил на овие простори, а детално го образложи протојереј ставрофор отецТома Ангелов, парох во Богданци.
Во неделата, по Светата Литургија во парохиската црква „Свети Кирил и Методиј“ во Богданци, гостите од Рим ги приближија децата до животот на нивните врсници од Движењето во различни делови на светот и нивните напори во ширењето на евангелската порака и во најтешките ситуации. На пример во Сирија, но и во Бразил, Кореја, Африка, Италија…
Во попладневната програма, социјалниот работник Александар Митаноски одржа работилница: „Преку тимска работа, комуникација и правда кон намалување на насилството“. После тоа, младите си заминаа во своите домови, зајакнати од заедништвото што го изградија, со желба истото да го пренесат во својата непосредна околина.
Томислав Микулец