Пастирско послание на епископот Стојанов во Годината на молитва – 2024

Пастирско послание на епископот Стојанов во Годината на молитва – 2024

Во Годината на молитва, која папата Фрањо ја прогласи за целата Црква, Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов упати пастирско послание кое го пренесуваме во целост

Вовед

Во пресрет на Јубилејот 2025 година, кој ќе се одбележи под мотото „Ходочесници на надежта“ во Недела на Словото Божјо започна Годината на молитва, прогласена од папата Фрањо за целата Црква, како духовна подготовка посветена на повторното откривање на големите вредности и апсолутната потреба за молитва, од молитва во личниот живот до молитва во животот на Црквата и светот, а со посебен акцент на Господовата молитва, која пак нуди одлична можност да се вратиме на основите на молитвата. (сп. Ангел Господов на 21 јануари 2024 година)

Ова е прекрасна можност, покрај онаа која ја имавме во Годината на молитва во нашата Црква во 2016 година, секој од нас повторно да размисли за својот молитвен живот, како молиме, колку молиме, и за што молиме. Секако, секој од нас има свое молитвено искуство и начинот на кој го воздига својот ум и срце кон Бога.

Што е молитва?

Постојат многу дефиниции за молитвата. Најпознатата е дека молитвата е разговор со Бога, како и тоа дека молитвата е заедништво со Бога. Кога би се обиделе да ја дефинираме молитвата на теолошко ниво би можеле да кажеме дека таа е чин на вера која се состои во барање соодветни дарови или благодати од Бога, а во поширока смисла може да се каже дека е користење на разумот за божествените работи, не само за да се стекне некое одредено знаење, туку таквото знаење да се искористи како средстство за соединување со Бога.

Меѓутоа кога се обидуваме да ја опишеме молитвата, наједноставниот и најлесно разбирлив начин е кога би ја споредиле како доаѓање „дома“ кај Бога. Денешниот човек е во постојано движење и интеракција, врши одредени активности и на крајот на денот се враќа во својот дом и разговара со своите блиски, оние кои ги љубиме и нѐ љубат, за тоа како сме го поминале денот, нашата работа, планови, надежи, разочарувања, предизвици, радости и страдања.

А нашиот Бог ни е близок, тој заради нас се вополоти и зеде човечко Тело, од љубов кон нас пострада и нѐ поканува преку молитвата да влеземе во својот „дом“, во својата внатрешност, да се сретенеме со Него, кој најмногу нѐ љуби и да му раскажеме за сите наши борби, духовни и телесни, но и да му заблагодариме за Неговото присуство во тие наши борби.

Лична молитва

Во ова мое послание сакам да ја истакнам повторно важноста и вредноста на личната и заедничката молитва.

Во Евангелието според Лука Исус истакнува дека Бог ги заштитува своите избраници кои викаат кон Него дење и ноќе (Лука 18,7) и дека треба да бидеме будни во секое време и да молиме (Лука 21,36). Со други зборови, како што вели апостол Павле: Молете се постојано (1 Солунјаните 5,17)! Но дали тоа е воопшто возможно денес во овој динамичен свет? Сите имаме свои обврски, работи, кои ни изгледаат дека не можеме во никој случај да ги изоставиме.

И тоа е сигурно така, од една страна не можеме нашите егзистенцијални обврски да ги запоставиме, но од друга страна исто така не смееме да го запоставиме нашиот однос со Бога и во тоа треба да се пронајде соодветен сооднос, нешто слично на бенедиктинското правило: Моли и работи. Секогаш е возможно да се моли. Молитвата е животна потреба, но и дека молитвата и животот се неодвоиви. „Оној што ја поврзува молитвата со делата и делата со молитвата, се моли без престан. Само така можеме да го сметаме оствралив принципот на молитвата без престан“ (сп. ККЦ 2475; Ориген, De oratione, 12, 2: GCS 3, 324-325; PG 11, 452).

Секако дека не можеме да го поминеме целиот ден само во молитва, но зарем денот не можеме да го започнеме и завршиме барем со едноставни кратки молитви (Оче наш, Радувај се Маријо, Слава на Отецот и молитва до Ангелот чувар)? Зарем не можеме нашата работа и секоја друга активност која ја вршиме да ја започнеме со молитва преку која ќе ја посветиме за слaва Божја? Зарем на средината на денот не можеме да застанеме од нашата работа и да измолиме Ангел Господов?

Но исто така е многу важно во текот на денот да имаме и посебни моменти за молитва, кое ќе биде наше секојдневие и ќе ни помогне да го насочиме нашиот ум и срце кај Христа, да дојдеме „дома“ кај Бога и да ја негуваме молитвата во тишина, имајќи ги на ум зборовите на нашиот Господ „не говорете многу како незнабошците, зашто тие мислат дека за своите многубројни зборови ќе бидат услишени“ (Матеј 6,7).

Во секој случај во оваа година на молитва, доколку немаме, потребно е да развиеме одредени навики за молитва.

Заедничка молитва

Што се однесува до заедничката молитва, неретко денес можеме да слушнеме, па дури и од самите верници, дека можат да молат сами, кога сакаат и каде сакаат. Но како членови на Телото Христово – Црквата не смееме да заборавиме дека заедничката молитва му е угодна на Бога, го радува Бога кога нѐ гледа заедно собрани во молитва и во Негово име, па така и Тој доаѓа меѓу нас: Каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас посреде нив.” (Матеј 18,20). Секогаш да живееме со таа свесност дека Господ е присутен на реален начин во Евхаристијата, најголемиот Негов дар на заедништво во Црквата, каде примајќи го телото и Крвта се соединуваме со Христа и еден со друг и сите стануваме едно Тело.

Во Делата на светите Апостоли читаме како апостолите, со Марија, Мајката Исусова и други жени, веднаш по Христовото Вознесение се вратија во горната одаја и таму сите еднодушно беа постојано во молитва (сп. Дела 1,14). Заедничката молитва има голема сила кога верниците се еднодушни и постојани и молат со голема вера и љубов кон Бога и кога молитвата е упатена за иста накана и кога се моли заедно за иста благодат.

Од тука сакам да го поттикнам молитвениот живот и во парохиските заедници преку заеднички молитви: Света Бројаница, Обожавање на Светата Евхаристија, формирање на библиски и молитвени групи и други облици на молитвено заедништво, но и преку катехетски средби и предавања да се пренесе на верниците важноста на молитвата за христијанскиот живот.

Во заедничката молитва сакам да ја истакнам и важноста на семејната молитва, да се направат напори и покрај брзиот живот да се најдат заеднички моменти на молитва во семејството. Постојат многу начини на кои можете да молите како семејство, започнувајќи од наједноставните: утринските и вечерните молитви, молитвите пред и после јадење, Ангел Господов, но и Света Бројаница. Запомнете дека „семејство кое моли, останува заедно!“ (отец Патрик Пејтон).

Заклучок

„Драги браќа и сестри, да навлеземе подлабоко во таинството на молитва, да не рецитираме само молитвени обрасци, туку да биде израз на длабок однос и разговор на внатрешноста со Бога. Ако не знаеме како да молиме, да учиме од оние кои веќе молат, но и да се обидеме да им помогнеме на оние кои ја немаат искусено убавината на молитвата да ги научиме како да молат, за да можат да доживеат лична средба со Воскреснатиот Исус.

Нашиот Господ ги научи Своите ученици како да молат. Ве повикувам сите вас, во оваа Година на молитва да се обидеме барем едно лице да научиме да моли. Потсетувам и на обврската на родителите да ги научат своите деца да молат.

Да го молиме Господ, како и учениците, така и нас да нѐ научи како да се молиме за да можеме да ја искусиме Божјата љубов во Исус Христос преку силата на Светиот Дух. Нека ги отвори нашите срца за преобразувачката Божја благодат за да можеме секојдневно да ја чувствуваме Божјата присутност во нашите животи.“

Ви посакувам благословени моменти на молитвено заедништво со Бога!

+ Киро Стојанов

бискуп/епископ

Категорија: Вести, Македонија

За авторот