Во своето пладневно обраќање Папата истакна дека христијаните се повикани да се ослободат од приврзаностите кои можат да го попречуваат нашиот духовен раст и да му направат простор на Господ во нашите животи и да служиме на другите. Ги поттикна свештениците и родителите да ги придружуваат другите до Исус, оставајќи ги слободни да го следат сопствениот пат
Духот на служење, понизност и послушноста, кои го водеа свети Иван Крстител откако го крсти Исус, беа во центарот на размислувањето на папата Фрањо во пладневното обраќање, во недела 15 јануари 2023 година во кое се осврна на Евангелието од неделната Литургија.
Папата потсети како Иван бил испратен да му го подготви патот на Месијата и тоа го направил без да се штеди, па затоа, од човечки аспект, може да се помисли дека ќе биде „награден“ за тоа. Но, Иван, откако го исполни своето послание, знае како да се тргне настрана, се повлекува од сцената за да му отстапи место на Исус. Неговото едноставно и благочестиво однесување го прави способен да го види Светиот Дух како слегува од небото како гулаб и останува на Христа.
Го видел Духот како слегува врз Него, покажа на Него како Јагнето Божјо кое ги зема гревовите на светот и сега понизно Му се покорува. Тој му проповедал на народот, собирал ученици и ги воспитувал долго време. Сепак, тој никого не врзува за себе.
Улогата на воспитувачот
Укажувајќи дека тоа е тешко, Папата истакна дека тоа сепак е на вистински воспитувач: да не ги врзуваш луѓето за себе. Папата инсистира на Ивановиот пример, кој ги упатува своите ученици по стапките на Исус и не е заинтересиран да стекне углед и успех, туку дава сведоштво, а потоа прави чекор наназад, за да можат мнозина да ја запознаат радоста од средбата со Исус.
Несебично служење
Неговиот пример Светиот Отец на сите верници им го посочува како пример за одвојување од жедта за поседување и контрола над другите и за вршење несебична служба.
Со својот дух на служење, неговата способност да отстапи место, Иван Крстител нè учи на една важна работа: слобода од наврзаност. Да, затоа што е лесно да се приврзеш за улоги и позиции, за потребата да бидеш ценет, препознаен и награден. А тоа, иако природно, не е добро, бидејќи служењето вклучува бесплатна грижа, грижа за другите без никаква корист за себе, без скриени намери.
Проповедање без протагонизам
И за нас ќе биде добро да ја негуваме, како Иван, крепоста повлекување во вистински момент, сведочејќи дека упоришна точка на животот е Исус – посочи Римскиот бискуп и посебно им се обрати на свештениците и мајките и татковците кои се соочуваат со предизвикот родителството.
Да размислиме колку е ова важно за свештеникот, кој е повикан да проповеда и слави не заради протагонизам или личен интерес, туку да ги придружува другите кон Исус. Да размислиме колку им е важно на родителите кои ги воспитуваат своите деца со толку многу жртви, но потоа треба да ги остават слободни да си одат по својот пат во работата, во бракот, во животот.
Одговорност и слобода
Папата Фрањо затоа ја помирува одговорноста и слободата на избор и потсетува дека е добро и правилно родителите да продолжат да им го обезбедат на децата нивното присуство, но дискретно, без наметливост. Истото – според Папата – важи и за други области, како што се пријателството, брачниот живот, животот во заедницата. Да се ослободите од приврзаноста кон сопственото его и да знаете како да се повлечете е одлучувачки чекор за раст во духот на служењето. На крајот, Папата ги поттикна сите верници да се запрашаат за оваа способност да препознаат и наследуваат правилна ненаврзаност.
Другите дали ги привлекуваме кон Исус или кон себе? Освен тоа, следејќи го примерот на Иван: дали знаеме да се радуваме на фактот дека другите одат по својот пат и го следат нивниот повик, дури и ако тоа вклучува мало одвојување од нас? Дали со нетрпение ги очекуваме нивните достигнувања, искрено и без завист?
Марија, слугинка Господова
За да ја исполниме оваа служба кон другите, папата Фрањо повика на помош од Марија, слугинката Господова, да ни помогне да се ослободиме од приврзаностите, да му отстапиме место на Господ и да направиме простор за другите.
Ватикан њуз/к.мк