Молитвената накана на Папата за август 2022 е посветена на трговците, угостителите, занаетчиите и сите оние кои се занимаваат со различни активности кои се погодени од економските последици од пандемијата: „Да се молиме за нив. Тие не се наоѓаат на листата на богати и моќни, но вложуваат во општото добро, наместо да кријат пари во даночните оази“.
Занаетчии, угостители, трговци, превозници… малите и средни претприемачи се ставени на тешко искушение за време на пандемијата и токму на нив папата Фрањо ја посветува својата молитвена накана за август. Како што наведува во видео пораката објавена од Папската светската молитвена мрежа: „Се молиме малите и средни претприемачи, сериозно погодени од економската и социјалната криза, да ги најдат потребните средства за да го продолжат својот бизнис, во корист на заедниците во кои живеат“.
Во светот, според податоците на Светска банка од 2021 година, секоја четврта компанија поради пандемијата го намалила обемот на продажба за половина. Јавната помош е слаба токму онаму каде што е најпотребна, односно во сиромашните земји и за малите бизниси.
Затоа Папата сака да привлече внимание на ова прашање. Неговото предупредување доаѓа во првите секунди од видеото, во кое се разменуваат слики и снимки на мажи и жени од целиот свет кои се занимаваат со својата работа. Овие работници, истакна Папата на шпански, не се појавуваат на листата на најбогати и најмоќни. И покрај тешкотиите, тие отвораат работни места, покажувајќи општествена одговорност.
Сите тие посветуваат огромен креативен капацитет да ги променат работите одоздола, од каде што секогаш доаѓа најдобрата креативност. Со храброст, труд и пожртвуваност, тие вложуваат во животот, создавајќи благосостојба, можности и работа. Затоа, Папата повикува на молитва за сите нив, и покрај различните кризи би можеле да напредуваат и да ги најдат вистинските средства кои ќе им овозможат да продолжат да работат и да служат.
Ватикан њуз/к.мк