Слово за Бога, ноември 2021

Слово за Бога, ноември 2021

Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји.“ (Матеј 5, 9)

Евангелието по Матеј го напишал христијанин кој потекнувал од тогашното еврејско милје; и токму поради оваа причина содржи многу типични изрази на еврејската културна и религиозна традиција.

Во петото поглавје, Исус е претставен како новиот Мојсеј, кој се искачува на планината за да ја објави суштината на Божјиот закон: заповедта на љубовта. За да се нагласи возвишеноста на ова учење, Евангелието ни кажува дека Исус седи, како учител.

И не само тоа: Исус е и првиот сведок на она што го навестува. Тоа особено се истакнува кога ги објавува Блаженствата, програмата на целиот Негов живот. Во нив се открива радикалноста на христијанската љубов со нејзините плодови на благослов и полнота на радост. Вистинско блаженство.

Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји.“ (Матеј 5, 9)

Во Библијата, мир, Шалом на еврејски, ја означува хармонијата на човекот со себе, со Бога и со она што го опкружува. И денес луѓето се поздравуваат со тој поздрав, израз на желба за полнота на животот. Мирот е пред сè дар од Бога, но зависи и од нашата согласност.

Впрочем, меѓу сите блаженства, ова одекнува како најактивно, повикувајќи нè да излеземе од рамнодушноста за да станеме градители на слогата, почнувајќи од себе самите и околу нас, активирајќи ја интелигенцијата, срцето и рацете. Се бара посветеност и грижа за другите, лекување на личните и социјалните рани и трауми предизвикани од себичноста што носи поделеност, вложување максимални напори во таа насока.

Како Исус, Синот Божји, Кој ја исполни Својата мисија кога Го даде Својот живот на крстот за повторно да ги обедини луѓето со Отецот и да го врати братството на земјата. Токму поради оваа причина, секој што е градител на мирот личи на Исус и е препознаен, како Него, како Божји Син.

Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји.“ (Матеј 5, 9)

Следејќи Го Исуса, и ние можеме секој ден да го претвориме во „ден на мирот“, со што ќе ставиме крај на малите или големите војни што секојдневно се водат околу нас. За да се оствари овој сон, важно е да се градат мрежи на пријателства и солидарност, да се дава помош, но и да се знае како да се прифати.

Како што раскажуваат Дениза и Алесандро: „Кога се запознавме, убаво си поминувавме заедно. Се венчавме, се родија децата и сѐ беше многу добро. Со текот на времето дојдоа подеми и падови; меѓу нас немаше повеќе дијалог, туку сè беше предмет на постојани расправии. Решивме да останеме заедно, но постојано ги повторувавме истите грешки, си замерувавме еден на друг и се каравме. Еден ден едни наши пријатели, брачен пар, ни предложија да учествуваме во програмата за поддршка на парови во неволја[1]. Се запознавме не само со компетентни и професионални луѓе, туку и со „семејството на семејството“, со кое ги споделивме нашите проблеми: повеќе не бевме сами! Светлото повторно се запали, но тоа беше само првиот чекор: дома не е лесно и одвреме-навреме повторно паѓаме. Она што ни помага е взаемната грижа, со настојување да започнеме одново и да останеме во контакт со овие нови пријатели, како заедно би продолжиле напред“.

Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји.“ (Матеј 5, 9)

Исусовиот мир, како што вели Кјара Љубик, „од нас бара ново срце и нови очи за да сакаме и гледаме во сите кандидати за универзалното братство“.

И додава: „Можеме да се запрашаме: „Дури и во скараните соседи во зградите? Дури и меѓу колегите на работа кои ми пречат во кариерата? Дури и кај оние кои работат во друга политичка партија или навиваат за противничкиот фудбалски тим? Дури и кај луѓе кои се со различна вера или националност од мојата? Да, секој ми е брат и сестра. Мирот започнува токму тука, од односот што знам да го воспоставам со секој мој ближен. „Злото се раѓа во човечкото срце“, напиша Игино Џордани, а „за да се отргне опасноста на војната, неопходно е да се отстрани духот на агресија и експлоатација и себичност кои се извор на војната: потребно е да се обнови совеста[2]…“ Светот се менува ако ние се менуваме, […] пред сè, со нагласување на она што нè поврзува, би можеле да придонесеме за создавање на менталитет на мирот и да работиме заедно за доброто на човештвото. […] Љубовта е таа што победува на крајот затоа што е посилна од сѐ. Ајде да се обидеме да живееме вака овој месец, како би биле квасец на нова култура на мирот и правдата. Ќе видиме како во нас и околу нас се раѓа ново човештво“.[3]

Летиција Магри

[1]спореди 10 anni di “Percorsi di luce” in https://www.focolare.org/famiglienuove.

[2]  I. Giordani, L’inutilità della guerra, Rim 20032, стр. 111.

[3]  C. Lubich, Riječi za život, siječanj 2004.

Категорија: Вера, Духовност

За авторот