Доста е со расизмот кон мигрантите и бегалците, потребна ни е култура на средба – рече надбискупот Галагер, ватикански секретар за односи со државите, зборувајќи во Обединетите нации по повод 20. годишнината декларација во Дурбан и Планот за активности за расната дискриминација. Човековите права се неделиви и не можат да бидат во судир.
Расизмот, евгениката, слободата на вероисповедта, се само некои од темите на кои се обрати надбискупот Пол Ричард Галагер, секретар за односи со државите, на состанокот на Обединетите нации по повод 20. годишнината декларација во Дурбан и Планот за активности за расната дискриминација, фокусирајќи се на тема „Надомест, расна правда и еднаквост за луѓето со африканско потекло“.
Повторувајќи ја посветеноста на Светиот Прерстол за борба против сите форми на расизам, расна дискриминација, ксенофобија и нетолеранција, надбискупот потсети дека расизмот е вкоренет во погрешното и несоодветно тврдење дека едно човечко суштество има помало достоинство од друго. Оваа претпоставка – според зборовите на надбискупот – го занемарува духот на братството и вистината фокусирана на фактот дека секое човечко битие е родено слободно и со еднакви права. Тој ги истакна зборовите на папата Фрањо од енцикликата Fratelli tutti, дека расизмот секогаш се појавува одново.
Многу луѓе со африканско потекло во светот се мигранти или бегалци кои, откако ќе го напуштат својот дом или ќе бидат принудени да го напуштат, во земјите на пристигнување наместо поддршката, која им е потребна се соочуваат со расизам и ксенофобија, дискриминација и нетолеранција – истакна надбискупот и изрази надеж дека неодамнешното формирање на Постојаниот форум за лица со африканско потекло ќе придонесе на локалните, националните и меѓународните напори да се гарантира правда и поддршка за жртвите на расизмот. Во својот говор, ватиканскиот секретарот за односи со државите, исто така, истакна дека законите и прописите насочени кон искоренување на дискриминацијата и нетолеранцијата треба да го почитуваат правото на слобода на мислење, мисла, религија и совест. Имено, расизмот може и мора да се потисне преку култура на средба, братство и солидарност.
Што се однесува до нетолеранцијата врз основа на религија или верувањето, тој посочи дека тоа води кон ограничување на правото за слободно практикување на религијата по сопствен избор, што во екстремни случаи поттикнува непријателство, насилство и ужасни злосторства. Покрај тоа, недостатокот на почитување на правото на слобода на вероисповед и верување доведува до кршење на другите човекови права – додаде надбискупот Галагер, истакнувајќи дека постои опасност некои верски малцинства, вклучувајќи ги и христијаните кои се најпрогонуваната група на глобално ниво да исчезнат.
Ватикан њуз/к.мк