Папата Фрањо ја осудува серијата насилства во југозападниот дел од пацифичкото подрачје на Колумбија и ја изразува својата блискост со луѓето што живеат среде толку многу страдања, напиша државниот секретар кардинал Пиетро Паролин во телеграмата до претседателот на Бискупската конференција на Колумбија, надбискупот Оскар Урбин Ортега.
Во пораката се споменува и посветеноста на бискупите, свештениците, монасите и лаиците во неуморниот напор да се воспостави мир во целиот регион.
Во последно време се забележани повеќе насилство во јужниот дел на земјата. Во Коринто, југозападниот регион на Каука, на 26 март, десетици луѓе беа повредени во експлозија на автомобил бомба поставена пред општинската зграда, во едно од местата, кое е симбол на домородната заедница во Колумбија. Вооружени групи и банди поврзани со нарко картелите се активни во областа, која со децении е упориште на Револуционерните вооружени сили на Колумбија (ФАРЦ).
Коринто, како и соседната општина Торибио, историски е општина управувана од домородни заедници. На пример, во Торибио, отец Алваро Улке, првиот домороден свештеник во Колумбија е убиен во 1984 година. Неговото дело го продолжија мисионерите на Марија Утешителка. Неодамна објавениот извештај од Екуменскиот совет за мир, заедно со други организации, предупредува на насилството од кое со децении се погодени црковните организации, кои се борат заедно со групи од најсиромашниот народ.
Ватикан њуз/к.мк