Порака на Светиот Отец за Велигденскиот пост 2021

Порака на Светиот Отец за Велигденскиот пост 2021

Ете, се искачуваме кон Ерусалим…“ (Мт 20, 18)

Пост: време за обнова на верата, надежта и љубовта

Драги браќа и сестри,

Најавувајќи им го на своите ученици своето страдање, смрт и воскресение, за да ја исполни волјата на Отецот, Исус им го открива длабокото значење на неговата мисија и ги повикува да се вклучат во неа, за спасение на светот.

Одејќи по патот на постот, кој нè води кон велигденските празнувања, се сеќаваме на Оној кој „Сам Себе се понизи, послушен сè до самата смрт, смрт на крст“ (Филпјаните 2, 8). Во ова време на преобраќање да ја обновиме нашата вера, да црпиме од „живата вода“ на надежта и со отворено срце да ја примаме Божјата љубов, преку која нѐ преобразува во браќа и сестри во Христа. На Велигденската ноќ ќе ги обновиме нашите крштелни завети, за да се родиме повторно како нови мажи и жени, благодарение на дејствувањето на Светиот Дух. Но веќе и самиот пат на Великиот пост, како и целото христијанско патување, е осветлено со светлото на Воскресението, кое ги оживува чувствата, ставовите и одлуките на оние кои сакаат да го следат Христа.

Постот, молитвата и милосрдието, како што ги претставува Исус во својата проповед (сп. Мт 6, 1-18), се условите и изразот за нашето преобраќање. Патот на сиромаштвото и одрекувањето (постот), погледот и делата на љубов кон ранетиот човек (милосрдието) и синовскиот дијалог со Отецот (молитвата) ни овозможуваат да овоплотиме една искрена вера, една жива надеж и една делотворна љубов.

1.  Верата нè повикува да ја прифатиме Вистината и да станеме нејзини сведоци пред Бога и пред сите наши браќа и сестри.

Во ова време на Великиот пост, да се прифати и да се живее Вистината објавена во Христа, значи пред сè да дозволиме да ни зборува Словото Божјо, кое Црквата ни го пренесува од генерација на генерација. Оваа вистина не е конструкција на интелектот, резервирана за неколку избрани, паметни или истакнати умови, туку е порака која можеме да ја примаме и да ја разбереме благодарение на интелигенцијата на срцето, отворено за величието на Бога, кој нè засака уште пред ние самите да станеме свесни за тоа. Таа Вистина е самиот Христос, кој потполно ја презеде нашата човечност, стана Пат – тежок, но отворен за сите – кој води кон полнота на Животот.

Постот како искуство на одрекување, ги поттикнува оние што го живеат со едноставно срце, повторно да го откријат дарот Божји и да ја разберат нашата реалност како битија на неговиот лик и подобие, кои во Него наоѓаат исполнување. Искусувајќи го прифатеното сиромаштво, оној што пости станува сиромашен со сиромашните и го „собира“ богатството на добиената и споделената љубов. На таков начин сфатен и практикуван, постот помага да се сака Бог и ближниот, како што учи свети Тома Аквински, љубовта е движење кое го насочува вниманието кон другиот, сметајќи го како едно исто со самиот себе (сп. енциклика, Fratelli tutti, 93).

Постот е време да се верува, односно време во кое го примаме Бог во нашиот живот и да дозволиме да „престојува“ во нас (сп. Ив 14,23). Постот значи да го ослободиме нашето постоење од сѐ она што го оптеретува, исто така и од заситеноста на информации – вистински или лажни – како и од производите за широката потрошувачка, за да ги отвори вратите на нашето срце за Оној што ни доаѓа сиромашен во сè, но „полн со благодат и вистина“ (Ив 1,14): Синот на Бога Спасителот.

2. Надежта како „жива вода” која ни овозможува да продолжиме по нашиот пат

Самарјанката, од која Исус, кај бунарот, бара да пие, не разбира кога Тој ѝ вели дека може да ѝ даде „жива вода“ (Ив 4,10). На почетокот, нормално таа мисли на материјална вода, но Исус мисли на Светиот Дух, кој ќе го даде во изобилство во Пасхалното таинство и кој во нас влева надеж, која не разочарува. Веќе најавувајќи го своето страдање и смрт, Исус навестува надеж кога вели: „и на третиот ден ќе воскресне“ (Мт 20,19). Исус зборува за иднина отворена преку милоста на Отецот. Надевајќи се на Него и благодарение на Него, значи, да веруваме дека историјата не завршува со нашите грешки, со нашите насилства и неправди и со гревот што ја распнува Љубовта. Тоа значи да се прими простувањето од Отецот од неговото отворено Срце.

Во актуелната загрижувачка ситуација во која живееме и во која сè изгледа кревко и неизвесно, да се зборува за надеж може да изгледа како провокација. Времето на Великиот пост е токму за да се надеваме, повторно да го свртиме погледот кон трпението на Бога, кој продолжува да се грижи за своето Создание, додека ние често тоа го злоупотребувавме (сп. Енциклика Laudato si, 32-33. 43-44). Тоа е надежта за помирување, на што силно нè поттикнува свети Павле: „Помирете се со Бога!“ (2 Кор 5,20). Примајќи простување во Светата Тајна, која е срцето на нашиот пат на преобраќање, ние од наша страна стануваме преносители на простувањето: бидејќи и самите сме го примиле, можеме да ја дадеме со својата подготвеност да стапиме во внимателен дијалог и да дадеме утеха на оние кои се ранети. Божјото простување, исто така, и преку нашите зборови и дела, ни овозможува да живееме еден Велигден на братство.

Во Великиот пост, да бидеме повнимателни и да „искажуваме зборови на охрабрување, зборови кои поддржуваат, даваат сила, утешуваат, поттикнуваат, наместо зборови кои понижуваат, растажуваат, иритираат, презираат“ (енциклика, Fratelli tutti, 223). Понекогаш, за да се даде надеж, доволно е да се биде „љубезна личност, која ги остава своите грижи и итност за да обрне внимание, да подари насмевка, да каже збор на поттик, да овозможи простор за слушање среде големата рамнодушност“ (исто, 224).

Во собраноста и тивката молитва, ни се дава надежта како вдахновена и внатрешна светлина, која ги осветлува предизвиците и изборите на нашето послание: ете зошто е многу важно да се повлечеме на молитва (сп. Мт 6, 6) и во тајност да го сретнеме Отецот, кој е нежност.

Да се живее Великиот пост со надеж значи да се чувствува дека во Исус Христос сме сведоци на новото време, во кое Бог „ги прави сите работи нови“ (сп. Отк 21,1-6). Тоа значи примање на Христовата надеж, кој го дава својот живот на крстот и кого Бог го воскресна на третиот ден, „секогаш подготвени со кротост и страв за одговор на секого, кој од вас побара сметка за вашата надеж“ (1 Пт 3,15).

3.   Љубовта, живеена по стапките на Христос, со внимание и сочувство кон секого, е највисок израз на нашата вера и на нашата надеж.

Љубовта се радува кога гледа како расте другиот. Ова е причината зошто таа страда кога другиот е во болка: осамен, болен, бездомник, презрен, во неволја … Милосрдието е импулс на срцето, кој ни овозможува да излеземе од самите себе и создава врска на споделување и заедништво.

„Поаѓајќи од социјалната љубов, можно е да напредуваме кон цивилизација на љубовта, на која сите можеме да се чувствуваме повикани. Љубовта, со својата универзална динамика, може да изгради нов свет, бидејќи не е бесплодно чувство, туку најдобар начин да се постигнат ефективни патишта на развој за сите“ (Fratelli tutti, 183).

Љубовта е дар што му дава смисла на нашиот живот и благодарение на неа оној кој страда го сметаме како член на сопственото семејство, пријател и брат. Малото, ако се дели со љубов, никогаш не завршува, туку се претвора во резерва на живот и среќа. Тоа е случај со брашното и маслото на вдовицата од Сарепта, која му понуди питка на пророкот Илија (сп. 3 Царства 17, 7-16); и за лебовите што Исус ги благословува, ги прекршува и им ги дава на учениците за да ги поделат на народот (сп. Мк 6, 30-44). Истото се случува и со нашата милостина дадена со радост и едноставност, без оглед дали е мала или голема.

Да се живее Великиот пост со делотворна љубов значи да се грижиме за оние кои поминуваат низ страдање, напуштеност или вознемиреност поради пандемијата Ковид-19. Во контекст на големата неизвесност за утрешниот ден, потсетувајќи се на словото упатено од Бог кон неговиот Слуга: „Не плаши се, јас те откупив“ (Ис 43,1), со нашата делотворна љубов да понудиме збор на доверба и да направиме ближниот да почувствува дека Бог го сака како син.

„Само со широк поглед на љубов, кој го согледува достоинството на другиот, сиромашните можат да бидат препознаени во нивното неразбирливо достоинство и да бидат ценети со сопствениот стил и култура и на тој начин навистина да се интегрираат во општеството“ (енциклика, Fratelli tutti, 187).

Драги браќа и сестри, секоја фаза од животот е време за вера, надеж и љубов. Овој повик да се живее постот како пат на преобраќање, молитва и споделување на нашите добра, нека ни помогне да ја доживееме повторно, во нашата заедница и во личното сеќавање, верата што доаѓа од живиот Христос, надежта вдахновена од здивот на Духот и љубовта, чиј неисцрпен извор е милосрдното срце на Отецот.

Нека Марија, Мајката на Спасителот, верна во подножјето на крстот и во срцето на Црквата, нѐ поддржи со своето грижливо присуство и нека благословот на Воскреснатиот нѐ придружува на патот кон велигденската светлина.

Рим, Свети Иван Латерански, 11 ноември 2020, на празникот свети Мартин од Турс

Фрањо

Категорија: Ватикан, Вера, Проповеди

За авторот