Благодарната молитва беше во центарот на катехезата на папата Фрањо за време на Генералната аудиенција во среда 30 декември 2020 година. Неговата катехеза ја пренесуваме во целост.
Драги браќа и сестри, добар ден!
Денес сакам да зборувам за благодарната молитва. Како почетна точка, го земам извештајот кој го донесува евангелистот Лука. Додека Исус беше на пат, десет лепрозни дму доаѓаат во пресрет и го молеа: „ Исусе Наставниче, смилуј се!« (Лука 17,13). Знаеме дека за луѓето со лепра на физичкото страдањеим се придружува и општественото и верското маргинализирање. Тие беа маргинализирани. Исус не ја избегнува средбата со нив. Понекогаш ги преминува границите кои се поставени со законите и се допира до болниот – што не му беше дозволено – го прегрнува, го оздравува. Во овој случај нема контакт. Исус ги повикува од далеку да им се покажат на свештениците (р. 14) кои според законот се задолжени да потврдат дека се случило оздравување. Исус не зборува ништо друго. Ја слушна нивната молитва, го слушна нивниот повик за да ги помилува и веднаш ги испрати кај свештениците.
Овие десетмина веруваат, тие не остануваат таму за да го чекаат часот на нивното оздравување, не: тие веруваат, тие веднаш заминуваат и на патот сите десет оздравуваат. Значи, свештениците можеле да го видат нивното оздравување и да ги вратат во нормалниот живот. Но, тука доаѓа најважното нешто: само еден од таа група пред да отиде кај свештениците се враќа за да му се заблагодари на Исус и да го слави Бога за добиената благодат. Само еден, другите девет го продолжуваат своето патување. И Исус забележал дека овој човек бил Самарјанин, еден вид „еретик“ за Евреите во тоа време. Исус коментира: „Зар не се излекуваа десетмина? Каде се деветмината? Како не се најдоа да се вратат и другите и да Му заблагодарат на Бога, туку само овој туѓинец?“(17, 18). Овој извештај е трогателен!
Овој извештај, така да кажам, го дели светот на два дела: оние што не благодарат и оние кои се благодарат; на оние кои земаат сè како да мора да им се даде и на оние кои прифаќаат сè како подарок, како благодат. Во Катехизмот пишува: „Секој настан и секоја потреба може да стане причина за благодарност“ (2638). Благодарната молитва секогаш започнува оттаму: да препознаеме дека ни претходи благодат. Сме биле во нечија мисла уште пред да научиме да мислиме; нè љубеа пред да научиме да љубиме; нè посакуваа пред да се појави било каква желба во нашите срца. Ако гледаме на животот на овој начин, тогаш благодарноста станува лајтмотив на нашите денови. Многу пати, исто така, забораваме да кажеме „благодарам“.
За нас христијаните, преку благодарноста доби име една од најважните Свети Тајни, која постои – Евхаристијата. Тој грчки збор, всушност, значи токму тоа: благодарност. Христијаните, како и сите верници, го благословуваат Бога за дарот на животот. Живееме пред сѐ затоа што добивме живот. Сите се раѓаме затоа што некој посака живот за нас. И тоа е само првиот во долгата низа долгови што ги имаме додека живееме. Долгови на благодарност. Во нашите животи, повеќе луѓе не гледаа со чисти очи, бесплатно. Честопати станува збор за просветни работници, вероучители, лица кои својата служба ја вршиле надвор од рамките кои ги бара должноста. И тие во нас предизвикаа благодарност. Пријателството е исто така дар за кој секогаш треба да бидеме благодарни.
Онаа „благодарност“ која мора постојано да ја кажуваме, таа благодарност што христијанинот ја дели со секого, се проширува во средбата со Исус. Во евангелијата наоѓаме потврда дека со неговото поминување Исус честопати предизвикувал радост и слава на Бога кај оние што го сретнувале. Извештаите за раѓањето на Исус изобилува со молитви на срцето, ширум отворено, за доаѓањето на Спасителот. И ние сме повикани да бидеме учесници во таа неизмерна радост. На тоа сугерира и настанот со десетте оздравени лепрозни. Се разбира, секој беше среќен што оздраве, бидејќи на тој начин ќе можат да излезат од тој бесконечен принуден карантин што ги исклучуваше од заедницата. Но, меѓу нив има еден кој на едната радост додава друга: тој се радува не само на оздравувањето, туку и на средбата со Исус. Тој не само што е ослободен од злото, туку сега е сигурен дека си љубен. Тоа е суштината: кога се заблагодарувате, изразувате уверување дека ве љубат. И тоа е голем чекор: да имате сигурност дека сте сакани. Тоа е откривање на љубовта како сила што управува со светот. Данте би рекол: „Љубов што ги придвижува сонцето и другите sвезди“ (Рај, ХХХIII, 145). Ние веќе не сме скитници кои талкаат од едниот до другиот крај, не: имаме дом, живееме во Христа и од тој „стан“ го набљудуваме остатокот од светот и ни изгледа бесконечно поубав. Ние сме деца на Љубовта, ние сме браќа на љубовта. Ние сме мажи и жени на благодатта.
Затоа, браќа и сестри, секогаш да настојуваме да бидеме радосни за средбата со Исус. Да ја негуваме радоста. Злиот, напротив, откако ќе нè заведе – со какво било искушение – секогаш нè остава тажни и сами. Ако сме во Христа, ниту еден грев и никаква закана никогаш нема да можат да нè спречат да го продолжиме радосно патувањето низ животот, заедно со толку многу сопатници.
Да не пропуштиме, пред сè, да благодариме: ако сме носители на благодарност, исто така и светот станува подобар, макар и малку, но тоа е доволно за да му пренесеме малку надеж. На светот му треба надеж и благодарност, со тој став на благодарност, пренесуваме малку надеж. Сè е обединето, сè е поврзано и секој може да ја игра својата улога таму каде што е. Патот на среќата е патот што свети Павле го опиша на крајот од едно од неговите посланија: „ Радувајте се секогаш! Молете се постојано! Благодарете за сѐ, оти таква е волјата Божја во Христа Исуса спрема вас! Не гаснете го Духот! (1 Солунјаните 5,17-19). Многу убава програма за животот. Не гаснете го Духот, кој е во нас, нѐ води до благодарност.
Ватикан њуз/к.мк