„Давајте и ќе ви се даде: мерка добра набиена, натресена и преполна ќе ви дадат в пазуви; зашто со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери“ (Лк 6,38)
„Таму бе мнозина Негови ученици и многу луѓе од цела Јудеја и Ерусалим и од приморјето Тирско и Сидонско…“ Со овие зборови, евангелистот Лука нè воведува во долгиот говор на Исус во кој Тој ги навестува блаженствата, ги изнесува барањата на Царството Божјо и ветувањета на Отецот кон своите деца.
Исус слободно ја навестува својата порака до мажите и жените од различни нации и култури кои побрзаа да го слушаат Него. Тоа е универзална порака, упатена до сите. Секој може да ја прифати за да се реализира себеси како личност создадена од Бога според неговиот лик.
„Давајте и ќе ви се даде: мерка добра набиена, натресена и преполна ќе ви дадат в пазуви; зашто со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери“ (Лк 6,38)
Исус ја открива оваа новина на Евангелието: Отецот лично го сака секое свое дете со изобилна љубов. Тој му дава можност да го рашири своето срце што повеќе великодушно кон браќата. Овие се итни и тешки зборови: треба да се даде од сопственото, обилно, како и материјалните добра и да се прифати другиот, да се покажува милосрдие, простување, следејќи го Бога.
Сликата на обилна награда натресена в пазуви ни дава да разбереме дека мерката на Божјата љубов и кон нас нема мерка и дека Неговите ветувања се исполнуваат надвор од нашите очекувања. Тој нè ослободува од вознемиреноста на нашите пресметки и нашите календари, од разочарувањата што другите не ни возвратиле со иста мерка.
„Давајте и ќе ви се даде: мерка добра набиена, натресена и преполна ќе ви дадат в пазуви; зашто со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери“ (Лк 6,38)
Во врска со овој Исусов повик, Кјара Љубиќ напиша: „Дали некогаш ви се случило да добиете подарок од пријател и сте почувствувале потреба да возвратите со иста мерка? […] Ако тоа ти се случува на тебе, дали можеш да замислиш како Бог гледа на тоа, Бог кој е Љубов. Тој секогаш возвраќа на секој подарок што им го даваме на нашите ближни во негово име […] Бог не постапува на овој начин како би те збогатил или би нè збогатил. Тоа го прави затоа што […] колку повеќе имаме, толку повеќе можеме да дадеме; дека ние – како вистински управители на Божјите добра – би можеле да помогнеме сè да се врти во заедницата во која припаѓаме. Пред сè, Исус мислел на наградата што ќе ја добиеме во рајот, но она што се случува на оваа земја е веќе вовед и гаранција за тоа “.
„Давајте и ќе ви се даде: мерка добра набиена, натресена и преполна ќе ви дадат в пазуви; зашто со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери“ (Лк 6, 38)
И што ќе се случи ако би почнале да ја практикуваме таа љубов заедно со многу други мажи и жени? Тоа сигурно ќе биде семе, почеток на социјален пресврт.
Јесус од Шпанија раскажува: „Мојата сопруга и јас работиме на консултации и обука на луѓе. Бевме воодушевени од принципите на Економијата на заедништво и посакавме да научиме како поинаку да се однесуваме кон луѓето: да ги пресметуваме платите за вработените колку што е можно поправедно и да најдеме алтернатива за неопходните отпуштања; да ги почитуваме цените на добавувачот и роковите за плаќање и да градиме добри односи на долг рок; да организираме заеднички курсеви со конкуренцијата, нудејќи им го нашето знаење; да даваме на клинетите совет спрема совеста и по цена на откажување од сопствена корист. Довербата изградена со такви постапки нè спаси кога кризата нѐ погоди во 2008 година.
Подоцна, преку невладината организација „Levántate y Anda“ (Стани и оди), се запознавме со шпански учител од Брегот на Слоновата Коска. Тој сакаше да ги подобри животните услови во своето село и да изгради породилно одделение. Ние го проучивме неговиот проект и му понудивме потребна сума пари. Тој не можеше да верува во тоа. Морав да му објаснам дека тоа е профитот на компанијата. Породилното одделение „Братство“, кое е изградено заедно од муслимани и христијани, денес е симбол на соживот. Во последниве години, профитот на компанијата се зголеми за десет пати. Заедно со други компании од Економијата на заедништвото ја основавме Меѓународната трговија на заедништво и заедно со претприемачите на Конго, инвестиравме во нова компанија која транспортира храна од Киншаса до оддалечените села “.
Летиција Магри