Денес е можност да се присетиме и повторно поинтензивно да размислуваме за настаните кои претходеа на Исусовото вознесение кај Отецот.
После воскресението Господ Исус Христос, во разни прилики сè до вознесението на небо, четириесет дена се јавуваше на апостолите и учениците. Се јави и на Марија Магдалена, а таа пак јави на апостолите Петар и Иван дека Христовиот гроб е празен. Потоа се јави и на учениците Клеопа и на уште еден друг ученик, според тоа како ни пренесува свети Лука, кои оделе од Ерусалим кон Емаус, село оддалечено околу дванаесет километри. Додека разговарале, Исус им пристапил, но не го препознале веднаш, дури кога го прекрши лебот. Тогаш го препознале.
Веднаш се вратиле во Ерусалим да му јават на Петар и апостолите за нивното доживување на патот за Емаус и дека по прекршувањето на лебот го препознале.
Исус Христос ја воспоставува Светата Тајна исповед. Отецот небесен го испрати Исус Христос како би му донел на човештвото мир и да ги помири луѓето со Бог. Таа власт Христова ја пренесе на апостолите, кои по примањето на Светиот Дух, во името Божјо, на луѓето ги простуваат гревовите. Таа власт апостолите ја пренесуваат на епископите, а тие пак на свештениците. И така до денес.
Најпосле им се јави на единаесетте, кога беа на трпеза, и ги укори за нивното неверие и жестокосрдечност, зашто не им поверуваа на оние, кои Го видоа воскреснат (Марко 16, 14).
Потоа Воскреснатиот Исус три пати го прашува Симон Петар: »Симоне Јонин, Ме љубиш ли повеќе отколку овие?« Петар три пати одговара потврдно. После тоа Исус ќе му каже: »Паси ги овците Мои! Вистина, вистина ти велам: кога беше помлад, сам се опашуваше и одеше каде што сакаше; кога ќе остариш, ќе ги рашириш рацете свои, и друг ќе те опаше и поведе на каде што нејќеш« (Иван 21, 18).
Тука можеме да видиме дека Исус му го дава на Петар првенството меѓу апостолите и му прорече маченичка смрт која се случила помеѓу 64 и 69 година кога за време на прогонството на Нерон е распнат на крст со главата надолу.
Посебно свечено било јавувањето на Исус во Галилеја пред единаесетте апостоли и пред петстотини други луѓе. Исус пристапи кај апостолите и им рече: »Ми се даде секаква власт на небото и на земјата. 19Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, 20и учејќи ги да пазат сѐ што сум ви заповедал; и ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот. Амин!« (сп. Матеј 28, 18-20; Марко16,14-18; Лука 24,36-49; Иван 20,19-23; Дела 1,6-8). Со овие зборови Исус на апостолите им предава трикратна власт: Учителска, да ги поучуваат сите народи; свештеничка, да крштеваат и да ги делат другите Свети Тајни и управна, да ги водат и да ги поучуваат верниците што треба да прават за нивното спасение. Во таа прилика Исус свечено им даде послание да се крштева!
Во Делата на светите апостоли за Вознесението стои: Првата книга, о Теофиле, ја напишав за сѐ она што Исус почна и да врши и да учи, до денот, кога се вознесе, откако преку Светиот Дух им даде заповеди на апостолите, што беше ги избрал, а на кои им се претстави жив по Своето страдање со многу верни докази, јавувајќи им се преку четириесетте дни и зборувајќи им за царството Божјо. (Дела 1,1-3)
Така ја зацврсти верата на своите апостоли и ученици, па така тие појдоа и проповедаа насекаде, а Господ ги помагаше и го утврдуваше Словото со пропратни знаци (Лука 24,50-53; Дела 1,9-11).
Исус Христос е Син Божји кој царува со Бог Отецот. Во слава ќе се појави на судниот ден, доаѓајќи на земјата на облаците, каде ќе им суди на сите луѓе. Со својот живот ни покажа како се стекнува вечен живот и небесна слава!
Верувам дека овој краток приказ, како сето тоа се случило и на кој начин Исус после Воскресението се јавуваше и делуваше, утврдувајќи ги апостолите и учениците во верата, ќе поттикне во нас уште подлабоко размислување за денешниот празник Вознесение Господово – Спасовден.
Охзд/к.мк