Кардинал Турксон: Да се зајакне солидарноста и пријателството во овој период на коронавирус
Во пораката објавена по повод вонредната состојба заради епидемијата од новиот корона вирус (Ковид-19), префектот на Дикастеријата за промовирање на интегрален човеков развој апелира до државите и нивните граѓани да a jзајакнат меѓусебната солидарност.
Поминуваме низ денови на голема загриженост и на сè поголем немир, денови во кои корона вирусот ги запира сите најзначајни активности како економијата, претприемништвото, работата, патувањето, туризмот, спортот, па дури и богослужбите и на светско ниво се заканува на човечката кревкост и ранливост на привидната сигурност заснована на технологијата – стои во пораката која кардинал Петер Турксон, префект на Дикастеријата за промовирање на интегрален човеков развој, ја упати до претседателите на епископските конференции, до епископите задолжени за пасторал за здравјето, здравствените, социјалните и пасторалните соработници, граѓанските власти, заболените и нивните семејства и волонтерите и до сите луѓе со добра волја.
Пораката која започнува со „Мир вам!“ спомнатата Дикастерија сака да се обедини со гласот на Светиот Отец, обновувајќи ја така солидарноста на Црквата со сите заразени, жртвите и нивните семејства, како и со сите здравствени работници кои се ангажираат на првата линија и ја вложуваат целата своја сила во лекувањето на заболените. Кардиналот Турксон меѓу останатото потсети дека Светиот Отец и некои државни лидери покажаа солидарност со најзагрозените земји донирајќи медицински производи и давајќи финансиска помош. Притоа изрази надеж дека во таа поддршка ќе се вклучат сите, посебно помагајќи им на земјите со слаб здравствен систем.
Се надевам дека овој момент на големи потреби ќе биде добра прилика за зајакнување на солидарноста и близината меѓу државите, како и за зајакнување на пријателството меѓу луѓето. Ова е време за промовирање на меѓународната солидарност со размената на средства. Секако, тој вирус како и секоја вонредна ситуација, укажува на големите нееднаквости кои се карактеристични за нашите општествено-економски системи; односно нееднаквости во достапноста на економски средства, здравствени услуги, квалификуван здравствен персонал и научните истражувања – стои во текстот.
Кардинал Турксон исто така истакнува дека ова е прилика секој човек да ја сфати важноста на братството, кога солидарноста, извирајќи од љубовта која се жртвува за другите ни помага во другиот да не гледаме средство, туку ближен. Вредноста на солидарноста исто така има потреба да се овоплоти. Да мислиме на ближниот дома, на колегата на работа, на школскиот другар, а пред сè на лекарите и на медицинските сестри кои се изложуваат на ризикот од заразата за да им помогнат на заразените – порача кардиналот и објасни дека тие здравствени работници живеат и упатуваат на смислата за таинството на Воскресението, а тоа е дарувањето и служењето.
Папата Фрањо уште во својата Порака за Великиот пост за 2020 година повикува со обновено срце да размислуваме за таинството на Велигден, за таинството на Исусовата смрт и воскресение, и слободно и великодушно да го прифатиме неговото дарување на самиот себе, на неговото страдање со смрт како дар од љубовт кон човештвото. Прегрнувањето на Исусовото страдање – како што ни вели папата Фрањо – станува прегратка на сите заболени во нашиот свет, вклучувајќи ги и сите оние кои се погодени од вирусот Ковид-19 – истакна кардинал Турксон и додаде, тие денес се израз на Христос кој страда, како и на несреќникот од параболата за Добриот Самарјанин и им се потребни конкретни гестови на близина на човештвото.
Префектот на Дикастеријата за промовирање на интегрален човеков развој порача освен тоа дека во Великиот пост сме повикани на одење кое уште повеќе е длабоко вкоренето во она што го поддржува нашиот духовен живот, односно во молитвата, постот и милостињата. Освен тоа, повика на молитва Бог Отецот да ја уможни нашата вера, да им помогне на болните во оздравувањето и да им помогне на здравствените работници во нивното послание, и поттикна да се избегне стигматизација за заболените затоа што болеста не познава граници, ниту боја на кожата.
Да молиме политичките и економските власти да не ја занемаруваат социјалната правда и поддршката на економисијата и истражувањето сега кога вирусот за жал создава нова економска криза. Ќе продолжиме на сите начини да ги поддржуваме напорите на здравствените работници и здравствените структури во целиот свет, посебно во најодалечените и најтешките подрачја, доверувајќи се на ефикасната солидарност на сите – порача кардинал Петер Турксон и завршува: Да Го молиме Светиот Дух да ги просветли напорите на научниците, здравствените работници и властите, а сите погодени од заразата ги доверуваме на застапништвото на Блажена Дева Марија, Мајка на сите луѓе.
Ватикан њуз/к.мк