Папата во Мадагаскар го посети „Градот на пријателството“ на хуманитарното здружение Акамасо, пример за солидарност и евангелска љубов кон последните. На таа идеја пред 30 години доаѓа мисионерот отец Педро Опека од Аргентина, со желба на најсиромашните да им обезбеди кров на главата. Вашите крикови – рече Папата, се претворија во песни за надеж за вас и за сите оние кои вас ве гледаат.
Со голема веселба беше пречекан папата Фрањо во Акамасоа, „Градот на пријателството“, сместено осум километри од Антананариво. Стотина семејства, млади и деца се собраа на 8 септември попладнето во големиот шатор за да го пречекаат Папата и да ги слушнат неговите зборови. Со поздравот на основачот, мисионерот во Мисионерската конгрегација на свети Винко Павелски, отец Педро Опека и со сведоштвото на 13 годишниот Фани започна средбата обележена со длабока надеж.
Изразувајќи на почетокот на говорот голема радост заради нивната средба, Папата истакна дека Акамасо е израз на Божјото присуство во неговиот народ. Но, тоа не е некое попатно присуство, напомена, туку тоа е присуство на Бог Кој одлучил да живее и секогаш да остане среде својот народ.
Акамасо е создаден во 1989 година поттикнат од „внатрешна побуна“ како што повеќе пати кажал неговиот основач. Тоа дело – истакна Папата – носи во себе долга историја на храброст и взаемна помош. Во темелите наоѓаме жива вера која се претворела во конкретно делување способно да „преместува планини“. Верата е таа која помогнала да се видат можности таму каде се гледала само неизвесност, надеж каде што се гледала само несреќа и живот таму каде што многумина навестувале смрт и уништување. Се сеќавате – потсети Папата – што напишал апостол Јаков: „И така, верата, ако нема дела, сама по себе е мртва.“ (2, 17)
Верата но и чувството за семејството и за заедницата, како и воспитанието за вредностите благодарение на првите семејства кои ја започнале таа авантура со отец Педро, можеле да го пренесат големо богатство на ангажирање, дисциплина, чесност, почитување кон себе и кон другите. И сте можеле да сфатите дека Божјиот сон не е само личен напредок, туку најмногу напредок на заедницата затоа што, како што нѐ потсети отец Педро – нема полошо ропство од ропството на животот само за себе – истакна Папата.
Обраќајќи им се посебно на присутните млади, Светиот Отец ги повика никогаш да не се предаваат пред тажните последици на сиромаштвото и да не попуштат пред искушенијата за лесен живот или свртување само на себе.
Драги млади, оваа работа која ја оствариле вашите стари вие треба да ја продолжите. Сила за тоа ќе најдете во својата вера и живото сведоштво кое е обликувано во вашиот живот. Дозволете во вас да се развијат даровите кои Господ ви ги дал. Молете Го да ви помогне несебично да се ставите во служба на своите браќа и сестри. Така Акамасо нема само да биде пример за идните генерации, туку пред сѐ појдовна точка на делата кои Бог ги вдахнува и кои својот целосен развој ќе го постигнат во мерка со која ќе продолжат да ја сведочат љубовта на сегашните и идните генерации – истакна папата Фрањо.
На крајот Светиот Отец поттикна на молитва целиот Мадагаскар, како и во другите делови во светот да се прошири ангажирањето за сузбивањето на сиромаштвото и општественото исклучување започнувајќи од довербата, образованието, работата и ангажирањето кои секогаш се премногу потребни за достоинството на човечкото битие.
На крајот напоменуваме дека Акамоса е хуманитарно здружение во Мадагаскар основано со цел сузбивање на сиромаштвото и поддршка за економско и општественото вклучување на најсиромашните. Има организирано пет прифатни центри кои опфаќаат 17 населби во кои живеат околу 3000 семејства. Денес во нив живеат вкупно 25.000 луѓе од кои повеќе од 60% се деца на возраст до 15 години.
Во рамките на своето делување Акамасо го управува каменоломот Махатазани во кој работат околу 70.000 луѓе, а кои Светиот Отец ги посети среќавајќи се кај споменикот Пресвето Срце Исусово, со работниците кои работат во каменоломот. Таму се молеше за нив, но и за сите други во Мадагаскар, за нивните семејства и за оние кои немаат работа. Притоа не ги заборави претприемачите, раководителите, а ниту наставниците за да имаат срце за воспитанието на децата.
Ватикан њуз/к.мк