Колку Црквата е подготвена да дозволи да ја „вознемируваат“ соништита на младите и да се оди со нив за да ги остварат, во новостите и убавината? Прашање за кое денес се расправаше на Епископската синода за млади која е во тек во Ватикан, на тема „Младите, верата и распознавањето на звањето.“
На Црквата ѝ е потребно пасторално и мисионерско преобраќање кое нема да биде едноставно техничка вежба, туку потреба за наследување на Христос, преобраќање насочено на обнова на самата Црква за да се стреми кон повисоко, за да служи – е истакнато во некои извештаи од работите во мали работни јазички групи (circoli minori).
Важен придонес за остварување на тоа преобраќање доаѓа томку од младите. Тие не смеат да бидат само главни „приматели“ на пасторалното делување, туку и субјекти протагонисти и активни учесници во постапките за одлучување во смисла на соодговорност и колегијалност затоа што можат да понудат нешто скапоцено со кое Господ може да направи чуда – истакнале синодските оци.
Предизвиците на денешните млади
Бројните се предизвиците со кои младите мора денес да се соочуваат: маргинализацијата, најмногу на жените кои се жртви на мачизмот и нерамноправноста; потоа зависностите; прашањето за хомосексуалните личности кои треба пасторално да се придружуваат за да растат во верата и за да не бидат дискриминирани, затоа што Црквата се противи на секоја дискриминација, која е против било кој човек или група. Младите денес мора да се соочуваат и со невработеноста; со етичките прашања за сексуалноста и абортусот; и со влијанието на окултузмот; драмата на злоупотреба во однос на која Црквата може и треба да биде реформирана за да биде навистина сигурна и доверлива средина.
Во однос на сето тоа главната задача на Црквата е да го пренесува дарот на верата – е истакнато на синодата – и тоа со придружување, распознавање и интеграција потпирајќи се на слушањето на Евангелието и анагажирајќи се околу најделотворниот облик на разговор со младите, како што е музиката и спортот. Црквата треба да биде таа која излегува, а итно е потребна и нова мисионерска духовност – е речено во групите.
Пасторалот за млади не треба да се разделува од пасторалот за семејствата
Многу важно беше и размислувањето за семејството, „мала Црква“, училиште на љубовта и човечноста, појдовна точка на патот до Христос. Заради тоа – напоменуваат синодските оци – не може за пасторалот за млади да се размислува одвоено од пасторалот за семејството. Со семејството пак треба да се обнови и парохијата како место за слушање, заедништво и мисија.
Ангажирање во корист на општествената праведност
Во излагањата на малите групи е истакнато меѓу останатото дека итно е потребно поголемо ангажирање со цел општествена праведност, посебно во однос на сиромашните и воспитување на младите за социјалната наука на Црквата. Имено младите можат да бидат градители на цивилизацијата на љубовта, заштитници на нашиот заеднички дом, менувајќи го одвнатре, со евангелските вредности и со Божјото милосрдие, светот на политиката, економијата, здравството и масовните медиуми.
Младите „апостоли на мигрантите“
Од синодата се бара и поголемо внимание кон христијаните жртви на прогонствата, чии сведоштва често се слушаат овие денови во групите, како и кон мигрантите кои треба да се примат, заштитат и интегрираат. Истовремено во синодската сала е истакнато дека треба да им се даде помош во нивните татковини, и тоа по пат на партикуларните Цркви. Во таа смисла младите можат да бидат вредна поддршка, станувајќи вистински „апостоли на мигрантите“ затоа што меѓу нив често има многу млади луѓе.
Повик на светост
На синодата се расправаше и за повикот на светост. Младите копнеат за светоста и сакат да добијат практични совети кои ќе им помогнат на тој пат. Заради тоа е важно да не се занемари духовната димензија, затоа што овозможува на младите да го распознаваат патот кој Бог го отвора пред нив. Затоа се потребни способни придружници кои ги поддржуваат младите во исправните одлуки, а од друга страна треба да се разгледува соодветен христијански стил на живот за младите; на пример одреден стил на молитва, размислување на Светото Писмо или посебни евхаристиски славења. Имено треба да се научат младите дека светата Литургија е средба со Бог, момент на допир со Христос.
На крајот од повеќе излагања произлезе мислењето дека синодата е само почеток на процесот кој како пламен треба да се носи понатаму, да се поддржува и шири на локално ниво.
Ватикан њуз/к.мк