Стана човек за човекот кој од гревот во внатрешноста стана глув и нем да може да го слушне гласот Божји.
Папата Фрањо на 9 септември 2018 година пред пладневната молитва Ангел Господов на плоштадот Свети Петар пред мноштвото верници се осврна на евангелието од неделата (Марко 7, 31-37) кое известува за настанот за Исусовото чудесно оздравување на глувонемиот. Го донеле глувонемиот молејќи да положи рака на него – рече Папата и објасни: Меѓутоа Исус прави неколку гестови. Го одведува глувонемиот настрана, далеку од мноштвото. Во таа прилика, како и во другите Исус секогаш делува дискретно. Не сака да ги восхитува луѓето, не бара популарност или успех, туку сака на луѓето да им направи само добро. Со своето однесување нѐ учи дека добро треба да правиме без шум и без фалење.
Кога го носи на страна, ги става прстите во ушите на глувонемиот и со плунка му го допира јазикот – рече Светиот Отец. Тој гест потсетува на Овоплотувањето. Синот Божји е човек вклучен во човечката релност. Бидејќи стана човек може да го разбере страдањето на друг човек и прави гест во кој делува неговата човечност. Во исто време Исус сака да разбереме дека чудото се случува заради Неговото единство со Отецот; затоа погледнува кон небото. Потоа воздивнува и вели: „Ефата“, што значи „Отвори се“. Човекот веднаш оздравел; ушите му се отвориле и јазикот му се разврзал. Оздравувањето за него било „отворање“ за другите и за светот.
Тој евангелски настан ја нагласува потребата за двојно оздравување – рече папата Фрањо и објасни: Пред сѐ оздравување од болеста и од телесното страдање, за да оздрави телото, иако таа цел не е целосно остварлива на човечки начин, и покрај сите напори на науката и медицината. Но, постои и друго оздравување може и потешко, а тоа е оздравувањето од стравот кој нѐ тера да ги отфрлиме болните, страдалниците и неподвижните. Има многу начини на отфрлање, па и со навидум сожалување или отстранување на проблемот; остануваме глуви и неми пред болките на луѓето кои се обележани со болести, вознемирености и тешкотии. Премногу често болните и страдалниците стануваат проблем, а треба да бидат прилика за искажување грижа и солидарност во општеството кон најслабите.
Исус ни ја објави тајната за чудата која и ние можеме да ја повториме станувајќи учесници во настанот „ефата“ односно „отвори се“ со кој му даде говор и слух на глувонемиот – рече Папата и нагласи: Се работи за отворање за потребите на нашите браќа страдалници и оние на кои им е потребна помош, избегнувајќи ја себичноста и затвореноста на срцето. Исус дојде да го отвори токму срцето, односно внатрешноста на човекот; да нѐ ослободи за да нѐ оспособи да го живееме во полнота односот со Бог и со другите.
Стана човек за човекот кој од гревот во внатрешноста стана глув и нем да може да го слушне гласот Божји, гласот на љубовта која зборува во неговото срце и така еднаш да научи да зборува со јазикот на љубовта, спроведувајќи го во великодушни гестови и дарувањето на самиот себе. Блажена Дева Марија која целосно се отворила за Господовата љубов нека ни испроси за да можеме секој ден во верата да го искусиме тоа чудо „ефата“ за да живее во заедништво со Бог и со браќата – заврши Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк