Кога се влегува во некоја црква или капела на Мисионерките на Љубовта, не може, а да не се забележи распетието кое се наоѓа над олтарот, покрај кое стои натписот: „Жеден сум“: во овој натпис се содржи животот и делата на Света Тереза од Калкута, канонизирана на 4 септември 2016 година, од папата Фрањо на плоштадот Свети Петар во Рим.
Жена од вера, од надеж, од љубов, од неискажлива храброст, Мајка Тереза имаше христоцентрична и евхаристиска духовност. Таа често велеше: „Не можам да го замислам ниту за миг мојот живот без Исус. Најголемата награда за мене е да го љубам Исуса и да му служам во сиромашните“. Оваа монахиња, со индиска облека, со фрањевски сандали, непозната за никого, за верници, неверници, католици, некатолици, направи да биде почитувана во Индија, каде Христовите следбеници се малцинство.
Родена на 26 август 1910 година во Скопје (Македонија) од добро ситуирано семејство, Гонџа растеше во една измачена и жалосна земја, каде што живеат католици, муслимани, православни; токму заради оваа причина не и беше тешко да делува во Индија, во една држава на далекусежни традиции на религиозна толеранција/нетолеранција, во зависност од историските периоди. (…)
Семејствто на Мајка Тереза со полни раце ја ширеше љубовта и општото добро. Заедничко за семејството била молитвата и Светата Бројаница. Обраќајќи им се на читателите во едно списание од јуни 1979 година, Мајка Тереза на западниот и се посекуларизиран и материјалистички свет вели: „Кога мислам на мојата мајка и на мојот татко, секогаш се потсетувам кога вечерта бевме сите собрани да се молиме […] Можам да ви дадам еден совет: побрзо вратете се да се молите заедно, зашто семејството кое не моли заедно не може да живее заедно“. (…)
Мајка Тереза употребуваше силни зборови во однос на вредностите на семејството, во современиот период – првата средина на сиромаштвото: „Понекогаш требаше да си поставиме некои прашања за да знаеме подобро да ги ориентираме нашите постапки […] Како прво, познавам сиромашни од моето семејство, од мојата куќа, оние кои живеат во моја близина: личности кои се сиромашни, но не заради недостаток на леб?“.
Тврдеше дека животот на нероденото бебе е Божји дар, најголемиот дар кој Бог може да го даде на едно семејство. „Денес има многу држави кои го дозволуваат абортусот, стерилизацијата и други средства за да се спречи или да се уништи животот од самиот почеток. Овој е евидентен знак дека таквите држави се најсиромашни меѓу сиромашните, бидејќи немаат храброст да прифатат уште еден живот повеќе. Животот на сѐ уште нероденото бебе, како животот на сиромашните кои ги наоѓаме по улиците на Калкута, на Рим или низ другите делови на светот, животот на бебињата и на возрасните секогаш е истиот живот. Тоа е нашиот живот. Тоа е дарот кој доаѓа од Бога. […] Секое постоење е животот од Бога во нас. Исто така и нероденото бебе има божествен живот во себе“. Исто така на церимонијата за Нобелова награда, на прашањето „што може да направиме за да го промовираме мирот во светот?“, таа без да се двоуми одговори: „Одете дома и сакајте ги своите семејства“.
Се упокои во Господ на 5 септевври (денот на нејзиниот литургиски помен) во 1997 година со Бројаница во рацете. Оваа «капка од чиста вода», оваа нераздвоена Марта и Марија, во наследство остави еден пар сандали, две сари, една платнена торба, две – три тетратки со белешки, една книга со молитви, една Бројаница, една волнена блуза и… еден духовен рудник од непроценлива вредност, од кој да црпеме во овие наши збунувачки денови, честопати во заборав за Божјето присуство.
Светци и блажени/З.А.