Папата: Кога молиме „Оче наш“ стапуваме во контакт со Отецот

Папата: Кога молиме „Оче наш“ стапуваме во контакт со Отецот

Заедницата во прекршувањето на евхаристискиот леб, кој се прекршува за живот на светот, го препознава вистинското Јагне Божјо – истакна папата Фрањо за време на Генералната аудиенција која се одржа на плоштадот Свети Петар, на 14 март 2018 година.

Така Папата продолжи со серијата катехези посветени на Евхаристијата, а во денешната катехеза се фокусираше на молитвата Господова и на прекршувањето на лебот. Светиот Отец потсети дека за време на Последната вечера, откако го зеде лебот и чашата и се заблагодари, Исус го прекрши лебот. Во евхаристиската Литургија тој чин одговара на прекршувањето на лебот на кој му претходи молитвата која Господ нè научи да ја молиме, односно Оче наш – рече Папата.

Тој рече дека обредот на причестувањето започнува со Господовата молитва која не е само една од многуте христијански молитви, туку таа е молитва на синовите и ќерки Божји. „Оче наш“ се моли на денот на нашето крштение, а во нашата внатрешност „Оче наш“ овозможува да се создаде истото чувство кое го имал Исус Христос. Кога молиме „Оче наш“ молиме како што Исус молел – истакна Светиот Отец и продолжи: Тоа е молитвата која Исус ја молел и на која нè научи. Исус молел така. Колку е убаво да молиме како Исуса.

Со божествената наука поучени, се осудуваме да Му се обратиме на Бог нарекувајќи го „Оче“ затоа што преку водата и Светиот Дух повторно сме родени како синови и ќерки Божји. Навистина никој не може Бог да го нарече Оче без вдахновението од Светиот Дух! Често се случува луѓето да молат „Оче наш“, а да не знаат што зборуваат. Тој навистина е Отец; но кога ти во молитвата го нарекуваш Отец, дали чувствуваш дека Он е Отец? Твојот Отец, Отецот на човештвото, Отецот на Исус Христос? Дали имаш однос со Тој Отец? „За тоа не сум размислувал.“ Кога молиме „Оче наш“ стапуваме во контакт со Отецот кој нè љуби и Духот е тој Кој ни ја дава таа врска, тоа чувство дека сме деца Божји! – истакна Папата.

Која молитва може најдобро да нè подготви за светотаинско заедништво со Него? – праша Светиот Отец и одговори: Ниту една, туку само „Оче наш“. Потсети дека „Оче наш“ освен за време на светата Литургија се моли наутро и навечер, во Утринската и Вечерната молитва од часословот. На тој начин, синовскиот став кон Бог и братството со ближните придонесуваат за давање на христијански облик на нашите денови – објасни папата Фрањо.

Папата рече дека во Господовата молитва молиме за „Лебот насушен“, што на посебен начин се однесува на евхаристискиот леб затоа што тој леб е потребен за да можеме да живееме како деца Божји. Исто така потсети дека се молиме „прости ни ги долговите наши“, а за да сме достојни да ја примиме Божјата прошка, се обврзуваме да им простиме на нашите должници, на оние кои нè повредиле. Но, тоа не е едноставно, нели? – рече Светиот Отец. Не е лесно да им се прости на луѓето, кои ни нанеле неправда. Тоа е благодат за која треба да се молиме: „Господи, научиме ме како да простам, како што Ти на мене ми прости.“ Со сопствени сили тоа не можеме, затоа што простувањето е благодат на Светиот Дух.

Молитвата „Оче наш“ го отвора нашето срце за Бог – продолжи папата Фрањо – и истовремено нè прави посклони на љубовта кон ближниот. На крајот молиме „избави нè од лукавиот“ кое нè разделува од Него и нè разделува од нашите браќа и сестри – рече Папата напоменувајќи дека со овие прозби се подготвуваме за примањето на Светата Причест.

Потоа папата Фрањо толкуваше дека свештеникот исто така ја продолжува молитвата „Оче наш“ како што моли: „Избави нè те молиме Господи од сите зла, дај ни милостиво мир во нашите денови,“ преминувајќи постепено на обредот на мирот кој во римскиот обред се наоѓа пред Причеста. Тој објасни дека се молиме Христос да ни го даде својот мир кој толку е различен од мирот кој ни го дава светот, а повикувајќи се на свети апостол Павле, Светиот Отец предупреди дека не можеме да пристапиме на светата Причест, а претходно меѓусебно да не сме се помириле. Мирот Христов – истакна Папата – не може да се вкорени во срцето кое не е во состојба да го живее братството и одново да го состави откако е рането. Мир дава Господ: Он ни дава милост за да им простиме на оние кои нè навредиле.

Потоа следува обредот на прекршување на лебот кој во апостолско време го дава името на целиот евхаристиски чин. Светиот Отец ги потсети верниците дека во прекршувањето на лебот учениците го препознаваат Воскреснатиот Господ во Емаус. Прекршувањето на лебот е придружено со повикот „Јагне Божјо Кое ги земаш гревовите на светот“, а библиската слика за Јагнето зборува за откупување. Во евхаристискиот леб кој се прекршува за живот на светот, заедницата која моли го препознава вистинското Јагне Божјо, односно Христос Откупителот, му ја упатува молитвата: „Смилувај ни се… дарувај ни мир.“

Тие повици пред светата Причест ни помагаат да ја подготвиме својата душа за да учествуваме на евхаристиската гозба, изворот на заедништвото со Бог и со нашите браќа и сестри – рече папата Фрањо и заврши: Никогаш не смееме да ја заборавиме големата молитва која нè научи Исус, а која е молитвата со која Исус му се моли на Отецот. Таа е молитвата која нè подготвува за Причест.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот