По повод конференцијата која ќе се одржи во октомври во Рим, посветена на дејноста на медицинскиот центар во Сабоу, Буркина Фасо, на Малите браќа конвентуалци, папата Фрањо упати порака до учесниците на средбата.
Во пораката папата Фрањо ги охрабрува да го продолжат тоа великодушно дело на ширење на Евангелието и делувајќи на географските и животните периферии со скапоцено заземање за евангелизација и промовирање на човекот.
Барајќи од монасите да се упорни во молитвата со цел поддршка на неговата Петрова служба, Папата ја довери плодноста на мисионерската служба на Редот на малите браќа фрањевци конвентуалци на Дева Марија, Царица на мисиите и на свети Максимилијан Колбе. На монасите, предавачите и на сите учесници на конференцијата, која ќе започне на 10 октомври им поделува апостолски благослов. Меѓу учесниците ќе биде и Николас Меда, министер за здравство на Буркина Фасо , кој на собирот ќе одржи предавање.
Медицински центар свети Максимилијан Колбе во Сабоу
Медицинскиот центар Св. Максимилијан Колбе во Буркина Фасо, се наоѓа во општината Сабоу, делува од 2003 година, а дава бесплатна медицинска помош на локалното население кое брои повеќе од 110 000. Монасите соработуваат со хуманитарната организација „Потребна насмевка“ (Emergenza Sorrisi), чии членови се лекари волонтери, и така заеднички делуваат на територијата со голем број проблеми, пренесувајќи ги искуствата на локалните лекари.
Центарот дава серија услуги од итна служба до оддел за општа медицина со 25 кревети за возрасни и 30 за деца, потоа оддел за мајчинство со 12 кревети, па до нутриционистички центар за неисхранети деца. Освен тоа во текот е градба на простор за радиологија и за хирушки центар. Само минатата година речиси 2500 деца примиле нутриционистичка помош, додека повеќе од 8000 возрасни и речиси 4000 деца биле прегледани во тој медицински центар.
РВ/к.мк