Понизноста е неопходен дар во животот на христијанинот – рече папата Фрањо за време на светата Литургија која ја служеше во домот Света Марта, на 5 декември 2017 година.
Поаѓајќи од првото литургиско читање од пророкот Исаија, Светиот Отец потсетува дека секој христијанин е како мала фиданка на која ќе почива „Дух Господов, дух на премудрост и разум, дух на совет и крепост, дух на знаење и благочестивост; ќе се исполни со страв Господов.“ Тие се даровите на Светиот Дух – рече Папата. Од маленкоста на фиданката до полнотата на Духот. Тоа е ветувањето, тоа е царството Божјо – тоа е христијанскиот живот.
Станува збор за тоа да бидеме свесни дека секој од нас е фиданка на корен која треба да расте, да расте со силата на Светиот Дух, сѐ до полнотата на Светиот Дух во нас. А која би требало да биде задачата на христијанинот? Едноставно да ја чува фиданката која расте во нас, да го чува нејзиното растење, да го чува Духот – истакна папата Фрањо, прашувајќи се каков би требало да биде христијанскиот начин на живот и одговори дека тоа би требало да биде Исусовиот начин, живот во понизност.
Потребни се верата и понизноста за да веруваме дека таа фиданка, тој толку мал дар, ќе дојде до полнотата на даровите на Светиот Дух – рече Светиот Отец и продолжи: Потребна е понизност за да веруваме дека е Отецот, Господар на небото и на земјата, како што стои во денешниот дел од Евангелието според Лука, „си го сокрил ова од мудрите и разумните, а си го открил на простите.“ Понизноста значи да бидеш мал, како фиданка, толку мал секој ден помалку да расте, за да му е потребен Светиот Дух за да ја постигне полнотата на животот.
Некои христијани веруваат дека да се биде понизен значи да се биде добро воспитан и пријателски настроен, и да се затворат очите за време на молитвата – рече папата Фрањо и предупреди. Не, тоа не значи да се биде понизен. Но, како можам да знам дали сум понизен или не? – праша Папата и одговори дека постои еден единствен знак, имено да се прифати понижување. Понизност без понижување не е понизност. Понизен е оној човек кој е во состојба да поднесува понижувања како што ги поднесувал Исус.
Светиот Отец потоа потсети на примерот на толку светци кои не само што поднесувале понижување, туку го барале за повеќе да наликуваат на Исус. Нека Господ ни ја даде таа милост за да ја чуваме малата фиданка до полнотата на Духот, да не го заборавиме коренот и да го прифатиме понижувањето – рече на крајот папата Фрањо.
РВ/к.мк