Од Светото Евангелие според Лука (15, 1-10)
1.Се приближуваа кон Него сите митници и грешници за да Го слушаат. 2. А фарисеите и книжниците негодуваа, велејќи: „Овој прима грешници и јаде со нив.” 3. Но Исус им ја кажа оваа парабола и рече: 4. Кој од вас, имајќи сто овци, кога загуби една од нив, не ќе ги остави деведесет и деветте во пустината и не ќе тргне по загубената, додека не ја најде? 5. А откако ќе ја најде, ќе ја крене на рамо радосен; 6. и кога ќе дојде дома, ќе повика пријатели и соседи, и ќе им рече: »Радувајте се со мене, оти ја најдов мојата загубена овца!« 7. Ви велам, дека така и на небото ќе биде поголема радост за еден грешник, кој се кае, отколку за деведесет и девет праведници, што немаат потреба од каење. 8. Или која жена, имајќи десет драхми, кога загуби една, нема да запали светило и да ја помете куќата, за да побара внимателно, дури не ја најде? 9. А штом ја најде, ќе повика пријателки и сосетки, велејќи: »Радувајте се со мене, оти ја најдов загубената драхма!« 10. Таква радост, ви велам, станува и пред ангелите Божји за еден грешник, што се кае.”
Навестувајќи го царството Божјо и Божјата близина на луѓето, Господ Исус околу себе не градел ѕидови за да се огради од луѓето, туку таквите ѕидови ги рушел. А најлошите од сите ѕидови се оние духовните, невидливите ѕидови со кои луѓето ги подигаат со предрасуди едни кон други. А дека Господ немал никакви ѕидови, ниту резерви пред никој, сведочи свети Лука во денешниот евангелски дел: Се приближуваа кон Него сите митници и грешници за да Го слушаат. Исус не се оградува од тие луѓе од кои се оградувале моралните избирливци во тоа време. А дека тие оградувале од грешниците, па и од Исус затоа што се дружел со таквите, и тоа го потврдува евангелистот: А фарисеите и книжниците негодуваа, велејќи: „Овој прима грешници и јаде со нив.” Но, без оглед на сè, гледаме дека Господ Исус го искористува нивното негудување за да раскаже некои од своите најубави параболи: параболата за изгубената овца, за загубената драхма.
Гледајќи го негодувањето на фарисеите и книжниците, како и неспособноста вистински да се радуваат на туѓото духовно добро, Господ Исус јасно истакнува, раскажувајќи ги овие параболи, во каква заблуда се. Преобраќањето на грешникот е толку голема работа што дури и небото се радува како на најисклучително чудо, и на Господ Исус му е жал што луѓето не го препознаваат, и не знаат да се радуваат на радоста на своите браќа. Ете зошто Господ, по параболата за загубената овца вели: Така и на небото ќе биде поголема радост за еден грешник, кој се кае, отколку за деведесет и девет праведници, што немаат потреба од каење. Слично истакнува и по параболата за загубената драхма: Таква радост, ви велам, станува и пред ангелите Божји за еден грешник, што се кае. Ова Господова пофалба на небесната радост заради преобраќањето на грешник нè поттикнува денес самите да се запрашаме: Знаеме ли вистински да се радуваме поради себе и поради другите? На што ние денес се радуваме? Знаеме ли радоста да ја споделиме со другите, како што гледаме како се случува на небото, или пак мрморите против туѓата среќа и завидуваме на туѓата радост?
Редовно кога ќе се обидеме да дадеме искрени одговри на овие прашања, гледаме дека поголем дел од нас се радува на надворешните успеси и остварувања, меѓу кои ги вбројуваме најпрво оние работните и стручните. Со нив едни со други се фалиме, да им претставиме што сме оствариле во животот, на што сме горди. (…)
Исус сака да нè потсети дека самиот Бог и целото небо се радува на нашиот духовен напредок и раст кој се покажува преку преобраќањето, па и тогаш кога тоа луѓето го гледаат со сомнеж и скептично, кога на тоа не му даваат никаква важност во животот. (…)
Но, спротивно од односот на фарисеите и книжниците кон нивните сопствени браќа, ние треба да ја послушаме и усвоиме пораката која ни ја упатува Господ. Како прво, Тој и денес нè повикува да се научиме да се радуваме на духовниот раст и напредок повеќе отколку на било кој друг успех во животот. А бидејќи преобраќањето е причина за небесна радост, денес нè повикува да направиме една добра работа, а тоа е и ние да се радуваме со небото. Тоа најлесно ќе го направиме ако му помогнеме на некој грешник да се врати во полно заедништво со Бог. Но, за да не лутаме и да бараме такви околу себе, добро би било да појдеме од себе самите, затоа што тоа е најопходно. Наместо фарисејски да им судиме на другите и да мериме кој колку е грешен, уверени дека многумина се погрешни од нас, би било покорисно да ја признаеме својата грешност, лутањата и заблудите, и да се вратиме во домот на Отецот. Оној кој мисли дека тоа не му треба, или дека веќе тоа го направил, се лаже. Бидејќи секогаш можеме и мораме да бараме поинтензивна поврзаност со Бог, навистина нема што повеќе да чекаме, ниту имаме со што да се оправдуваме. Нашето заедништво со живиот Бог толку е недоволно и недоречено, што имаме за што да се каеме и за што да му се обраќаме на Бог.
Ако на таков начин пристапуваме во својот духовен живот и раст, во нас ќе се врати Божјата радост, затоа што сме научиле да се радуваме. (…)
д-р Иван Бодрожиќ/к.мк