Прославен празникот на Мајка Тереза во нејзината родна парохија

Прославен празникот на Мајка Тереза во нејзината родна парохија

Во вторник, 5 септември 2017 година, со свечена Литургија, која ја предводеше Скопскиот бискуп и Апостолскиот егазрх во Македонија, монс. д-р. Киро Стојанов, беше прославен празникот на света Мајка Тереза во нејзината родна парохија „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје. Светата Литургија беше врвот на тродневната духовно-културна манифестација „II Денови на Света Мајка Тереза во скопската парохија.“

Пред светата Миса имаше процесија околу Скопската катедрала со пеење на песни од страна на катедралниот хор, предводен од с. Татјана Атанасова. Сестрите мисионерки на љубовта ја носеа во процесијата сликата на својата основоположничка, света Мајка Тереза, а исто така во процесијата беа и моштите на светицата.

Покрај бискупот Стојанов, свештеници, парохиската заедница на Литургијата присуствуваа и претставници на Граѓанската асоцијација „Мајка Тереза“; амбасадорката на Р. Хрватска во Македонија г-ѓа Данијела Баришиќ, советничката за култура на Премиерот на Р. Македонија г-ѓа Цветанка Ласкова како и други претставници од јавниот и општествен живот.

Во својата пригодна проповед бискупот Стојанов истакна: „Пред една година бевме на плоштадот Свети Петар во Рим, каде Светиот Отец, папата Фрањо ја прогласи за светица на Католичката црква нашата сограѓанка блажена Мајка Тереза и тогаш нѐ исполни радост и посебна гордост што токму нам ни е дарувана милоста да имаме таква голема сограѓанка, чие дело и живот запали силно светло кое на некој начин го осветли целото човештво. Колкава ли радост што едноставно сите ја препознаваат под едно од најубавите имиња, а тоа е Мајка“.

„Да го погледнеме ликот на света Мајка Тереза. Како секој лик и нејзиниот е неповторлив во историјата. Токму во нашиот град пред сто и нешто години Господ Бог себе си се стави во нејзиното срце, односно ја покажа својата љубов. Малата Гонџа не останала индиферентна, тука дозволила да биде запалена од љубов кон тој Бог и кон човекот. Во тоа семејство се негувала грижата за сиромашните и ја гледала татковската дарежлива рака и мајчинско добро срце кое не ги одвраќале сиромашните и гладните од нивниот праг. Кога душа, како душата на света. Мајка Тереза, ќе почувствува дека Бог ја љуби, тогаш и таа се обидува да возврати на љубовта и се случува дека кога повеќе се дава, Бог сѐ повеќе бара. Да не заборавиме, Бог е љубоморен Бог, не затоа што е себичен, туку затоа што го љуби човекот во целост и очекува и Тој да биде љубен со неподелено срце. Забележувајќи ја кај света Мајка Тереза таа неподелена љубов со која го љуби Исус, Тој од неа бара, таа како мудра девојка со светилката полна масло да му го расветли патот, нему Свршеникот кој во ликот на сиромашните лежеше покрај патот и на улиците од Калкута. Голема мудрост и подари Бог во срцето на Мајка Тереза, Христос Свршеникот да го препознае во најсиромашните меѓу сиромасите. И така одеднаш станало јасно дека Црквата не е институција, а уште помалку зграда, туку дека Црквата е заедница од луѓе кои се љубени. Драги браќа и сестри, нека таа животна мудрост на мудрите девојки нѐ поттикне и нѐ поучи во животот, а во сето тоа ни помогне застапништвото на света. Мајка Тереза пред Господ Бог“.

По причесната молитва, бискупот Стојанов пред моштите на Светицата ја измоли молитвата на Света Мајка Тереза со собраната заедница, а по благословот следеше чествување на моштите на света Мајка Тереза.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот