Нека Светиот Дух му подари на целиот свет мир и нека ги излекува раните од војните и тероризмот – напиша папата Фрањо во својата Твитер порака, објавена на 21 август 2017 година, поттикнат од неодамнешните терористички напади во Барселона, Буркина Фасо и Финска
Во овогодинешната порака по повод 50. Светски дена на мирот, Светиот Отец пишува дека насилството не е лек за нашиот растргнат свет. Да се возвраќа со насилство на насилството, во најдобриот случај доведува до присилна миграција и големи страдања, бидејќи огромни количини ресурси се прераспоредуваат во воени цели и се скратува од младите, семејствата во тешкотии, старите, болните и голем број население на нашиот свет за задоволување на секојдневните потреби. Во најлошиот случај, тоа може да доведе до физичка и духовна смрт на многумина, ако не и на сите луѓе – напоменува Папата.
Во тој документ папата Фрањо размислува и за ненасилството како стил на мировна политика. Ненасилството, од локално ниво и секојдневни ситуации па сѐ до светско ниво, нека стане карактеристичен стил на нашите одлуки, нашите односи, нашите активности, па и на самиот политички живот во сите негови облици – истакнува Светиот Отец.
За да бидеме вистински ученици Христови треба да го прифатиме неговото учење за ненасилство – продолжува папата Фрањо во тој документ. Потоа ги наведува и зборовите на неговиот претходник, папата Бенедикт XVI, кој забележува дека тоа учење е реално, бидејќи во предвид зема дека во светот постои премногу насилство, премногу неправда, па од таква состојба не може да произлезе нешто друго, освен ако се спротивставиме со повеќе љубов и добрина. Тоа „повеќе“ доаѓа од Бог – истакнува папата Фрањо.
Во пораката се потсетува дека Бенедикт XVI посебно нагласува дека ненасилството за христијаните не е чисто тактичко однесување, туку човечки начин на постоење, став на оној кој така е убеден во Божјата љубов и неговата моќ, да не се плаши да се зафаќа во борбата со злото, наоружан единствено со љубовта и вистината. Љубовта кон непријателот е срж на „христијанската револуција“. Заповедта на љубовта кон непријателите со право се смета за „magna chartа на христијанското ненасилство“.
Исто така папата Фрањо во пораката по повод Светскиот ден на мирот истакнува дека ако насилството го има својот извор во човечкото срце, тогаш е важно ненасилството да се практикува пред сѐ во семејството. Семејството е незаменливо калиште, каде сопружниците, родителите и децата, браќата и сестрите учат да комуницираат и несебично да се грижат едни за други и каде недоразбирањата, па дури и судирите не се решаваат со сила, туку со дијалог, почитување, барање добро за другиот, милосрдие и простување. Од семејството радоста на љубовта се шири во светот и зрачи на целото општество – пишува папата Фрањо.
РВ/к.мк