Се зголемува бројот на католици во Африка и Азија

Во периодот меѓу 2005 и 2014 година бројот на католиците во светот се зголеми за околу 160 милиони и сега бројат една милијарда и 300 милиони.

Во последните три години се намалени кандидатите за богопосветен живот и за свештенство. Африка продолжува да го држи приматот на крстени, додека Европа се наоѓа на едно од последните места. Ова се податоците од последното издание на Годишникот објавен од Централната статистичка канцеларија на Црквата, заедно со оние од Папскиот годишник за 2016 година.

Според Годишникот, Европа е карактеризирана со „значително стареење и ниска стапка на наталитет“, кои имаат директни последици врз црковниот живот на континентот, додека Африка и Азија се сегашноста и иднината на светот.

Африка на прво место по крштение

Статистичките податоци за Црквата се однесуваат за годините од 2005 до 2014. Во овој период бројот на крстени во Африка се зголемил за 40%, или двојно повеќе отколку во Азија (20%) и трипати и половина повеќе од целиот американски континент, каде зголемувањето е со 11%. Иако во Европа живеат речиси 23% од сите католици во светот, тука нивниот број се зголемил само за 2%. Половина од католиците во светот, продолжуваат да живеат на американскиот континент, додека до 2014 година присуството на католиците во Азија е околу 11%, а во Океанија 16%.

Епископи и свештеници

Од 2005 до 2014 година вкупниот број на епископи е зголемен за 8%, достигнувајќи ја бројката од 5200 лица. Исто и во овој случај нивниот број во Азија (14,3%) и Африка (12,9%) се зголемил двојно повеќе во споредба со Америка и три пати повеќе во споредба со Европа и Океанија. Што се однесува до свештениците – како епархиски, така и оние кои припаѓаат на монашки заедници и конгрегации на богопосветен живот – денес нивниот број е околу 416.000. Сепак – посочува Годишникот – во периодот од 2005 до 2011 година нивното зголемување е прогресивно, додека од 2011 до 2014 зголемувањето е речиси „нула“, што според годишникот се должи на големиот број смртни случаи и помалиот број на нови звања. Важно е да се напомене дека суштинско е намален бројот на свештениците од редмонашките заедници и конгрегациите на богопосветен живот во споредба со епархиските свештеници, особено во Америка, Европа и Океанија.

Богослови

Исто и кај кандидатите за свештенство (епархиски и монашки) податоците се речиси исти како кај свештениците: до 2011 се забележува зголемување на звањата, додека потоа „има бавен и постојан пад“. Денес бројот на богословите е 117.000, а намалувањето на нивниот број ги засега сите континенти со исклучок на Африка каде нивниот број е зголемен за 4%. Интересна е таканаречената „заменливост меѓу генерациите“, која ја покажува најдобро гореспоменатиот динамизам. Во Африка на секои 100 свештеници 66 се нови кандидати, а во Азија нивниот број е 54, додека во Европа на секои 100 свештеници нови кандидати се 10, во Америка 28 и во Океанија 22.

Богопосветени жени, постојани ѓакони, монаси

Бројките покажуваат дека во 2014 година бројот на богопосветените жени бил 683.000, богопосветените мажи кои не се свештеници биле повеќе од 54.000, а постојаните ѓакони 44.500. Според годишникот оваа последна категорија претставува „најсилно развиената група со текот на времето“: од 33.000 во 2005 до 45.000 во 2014 година. Уште поневообичаено е дека континентот кој го држи приматот во оваа категорија е Европа, која заедно со Америка имаат најголем број на постојани ѓакони во светот. „Истакнатиот динамизам на овие пасторални работници – се нагласува во Годишникот – сигурно не може да се сведе на привремени и условни причини, туку изразува нови и различни можности за избор во активностите за ширењето на верата“.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан

За авторот