Никогаш не го користете Бог за да ги прекривате неправдите

Папата Фрањо во петокот предупреди прописите да не се почитуваат само надворешно, а потоа да се експлоатираат и да ги третираат вработените неправедно.

Христијаните – особено во постот – се повикани на конкретен начин да ја живеат љубовта кон Бог и ближниот – е главната мисла во проповедта на Папата на светата Литургија на 20 февруари во капелата на домот Света Марта. Во денешното читање од книгата на пророкот Исаија, народот се жали што Господ не обраќа внимание на нивното постење. Но за Господ не е правилен пост, ако не се јаде месо, а потоа се злоупотребуваат работниците. Заради тоа Исус ги осудува фарисеите – запазувале мноштво надворешни прописи, но „без вистината во срцето.“

Вистински пост не е само надворешно одржување на прописите, туку пост кој доаѓа од срцето – продолжи Папата, забележувајќи дека Десетте заповеди за љубовта кон Бог и ближниот „одат заедно“ и создаваат целина. Не може да се извршуваат само првите три заповеди, а останатите повеќе или помалку. „Ако сакаш да правиш реална, а не формална покора треба да ја правиш пред Бог, но и со ближниот“ – рече папата Фрањо – бидејќи како што вели апостол Јаков, верата без дела е мртва.

Затоа – предложи Светиот Отец еден пример – ако некој оди на света Литургија и на Причест секоја недела, може да се праша: „Каков однос имаш кон своите вработени? Ги плаќаш ли на црно? Им плаќаш ли праведна плата? И пензиски придонес, здравствено осигурување?“ Не може да се дава милостиња на Црквата на основа на неправдите кон вработените. „Тоa е тежок грев: тоа значи да го користиш Бог за да се покрие неправдата“ – предупреди Папата.

Не е добар христијанин оној кој е неправеден кон луѓето кои зависат од него, како ниту оној кој не се одрекува од некои работи кои му се потребни за да ги даде на друг кој е во потреба – рече папата Фрањо и продолжи: Тоа е двојно одење во постот: кон Бог и кон ближниот; реален, а не само формален. Тоа не е само не мрсење во петок и да направиш некоја мала работа, а потоа да растеш во егоизмот и да го искористуваш ближниот.

Постојат луѓе на кои им е потребно лекување, но мораат да чекаат со часови – и за итни работи – само за лекарскиот термин повторно да им се одложи, можеби за следната недела. Во постот треба да мислиме и на нив: што можам да направам за тие луѓе? – поттикна Светиот Отец и посака во овој пост во срцето да имаме место и за оние кои „не ги вршат заповедите; кои згрешиле и се наоѓаат во затвор.“ „Милиш ли и за нив, Господ да им помогне да го променат животот?“ – праша Папата, завршувајќи со молитва за овогодинешното чекорење во постот, надворешното одржување на прописите да одговара на длабоката обнова во Духот.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот